Силниот земјотрес од 6,8 Рихтерови степени што го погоди Јонско Море е почувствуван и во Македонија. Најмногу се потресени жителите на грчкиот остров Закинтос, каде што има тројца полесно повредени, но и голема материјална штета. На островот неколку часа немало струја, а граѓаните панично ги напуштиле своите домови и ноќта, во страв, ја поминале под ведро небо.
Потресот бил регистриран завчеравечер, во 1.54 часот, а по него следувале уште десетина, со интензитет до 4 степени. Тлото сѐ уште се тресе, јавуваат медиумите, а поради сеизмичките вибрации училиштата се затворени.
Како што јави дописничката на МИА, веднаш по земјотресот биле активирани сите механизми за цивилна заштита, а во зголемена состојба на готовност се специјалните единици за справување со непогоди на грчката противпожарна служба.
Освен во Македонија, земјотресот е почувствуван и во Бугарија, Албанија, Босна, Турција, но и Малта, Италија и Либија.
Грчките острови Закинтос, Кефалонија и Итака во 1953 година беа погодени од неколку силни земјотреси, при што животот го загубија над 450 лица, илјадници беа повредени, а беше предизвикана огромна материјална штета. Грција лежи на две тектонски плочи и е подложна на земјотреси.