Како и во другите држави од регионот, и во Црна Гора не постои единствен профил на радикализираните лица и тоа е комбинација од повеќе фактори
Во изминатите години, 23 државјани на Црна Гора им се придружиле на воените формации што се бореа под знамето на Исламската држава. По падот на последното упориште на воено-исламистичките групи во Сирија, се отворија многу прашања вклучувајќи и ги и оние што се однесуваат на судбината на странските борци. Значаен број од нив пристигна на Балканот, а од вирусот на радикализмот беше зафатена и најмалата држава во регионот, пишува во анализата објавена на „Дојче веле“.
Последните шест години, шестмина црногорски граѓани загинаа на фронтовите во Сирија, а уште девет лица, меѓу нив и две деца, се наоѓаат на подрачјето каде што се кријат припадниците на разбиената Исламска држава. До крајот на минатата година во Сирија заминале 18 мажи и пет жени од Црна Гора, кои со себе повеле и три деца.
– Во споредба од земјите од регионот, Црна Гора е најмалку зафатена од оваа појава, но многу повеќе таа работи на превенција, дерадикализација, реинтеграција, ресоцијализација и активност на следење и репресија – вели Драган Пејановиќ, национален координатор за борба против насилниот екстремизам, во разговор за „Дојче веле“.
Анѓелија Ковачевиќ Лучиќ од невладината организација „Форум МНЕ“, која се занимава со превенција на насилниот екстремизам, вели дека не е занемарлива бројката од 23 странски војници во Сирија и уште петмина што заминале во Источна Украина, иако Црна Гора спаѓа во групата на помалку загрозени земји.
– Отсуството на навремена реакција и интересот на јавноста во почетокот резултира со помалку достапни истражувања, кои се занимаваат со откривање на причините за радикализацијата, која води кон насилен екстремизам во Црна Гора – вели Ковачевиќ Лучиќ.
Како и во другите држави, и во Црна Гора не постои единствен профил на радикализираните лица и тоа е комбинација од повеќе фактори. Еден од факторите е лошата социјална положба односно чувството на незадоволство и фрустрации од неисполнетите општествени и економски потреби.
– Неретко во прашање е состојбата во која лицето е невработено, нема никакви приходи или живее од социјални придонеси. Тоа се лица што не ја гледаат перспективата во својата земја и чувствуваат дека сите врати им се затворени. Излезот го бараат на различни начини – со прекумерната посветеност на верата или согласување со авторитативните лидери – додава таа.
Драган Пејановиќ наведува дека во најголемиот број случаи заминувањето на воените подрачја бил верски мотивиран. Но тој смета дека нема единствен фактор што доведува до радикализација и екстремно насилство кај поединците.
Најранлива категорија се младите луѓе што имале помалку од триесет години, кои се и најмногубројни меѓу борците.
– Кога е во прашање целиот регион, корените за националниот екстремизам и тероризам се слични и се сведуваат на политичко незадоволство, отуѓеност, чувство на неправда и немоќ – подвлекува Ковачевиќ Лучиќ.
Во меѓувреме, од странските борци што војувале во Сирија, во Црна Гора се вратиле десетмина. Тие пристапиле кон мирна интеграција и засега не претставуваат безбедносна закана.
– Поединци продолжија да одржуваат врски и контакти со истомислениците во Црна Гора и регионот, вклучувајќи ги и црногорските државјани што се наоѓаат во Сирија. Тие и натаму се под надзор на безбедносните служби – вели Пејановиќ.
Од „Форумот МНЕ“ објаснуваат дека досега немале директен контакт со некои од борците што се вратиле во Црна Гора. Нивните семејства не сакаат да зборуваат за тоа и изјавуваат дека само сакаат да продолжат понатаму со животот.
Од десет повратници само еден завршил во затвор, затоа што Црна Гора го воведе кривичното дело учествување во странски оружени формации. Во зависност од тежината на делото, казните се движат од шест месеци до пет години затвор. Хамид Б. добил најмала казна откако се вратил во земјата, но за учество во војната во Источна Украина. На шест месеци затвор е осуден и Марко Б.
– Двајцата ја отслужиле затворската казна. За нив беше креирана индивидуална програма, која беше приспособена на нивната личност и факторите на ризик – вели Пејановиќ.
Другите повратници од Сирија не се процесирани затоа што се вратиле во ЦГ пред воведувањето на ова кривично дело. Еден црногорски војник од Сирија се наоѓа во притвор во Турција.
Во редовите на ИД се наоѓаат уште девет црногорски државјани, меѓу нив и две деца. Нивната судбина по враќањето е јасна. За сите што постои сомневање дека направиле кривично дело учество во странски воени формации ќе бидат уапсени и процесирани.
Црна Гора е единствена држава во регионот што има Национална платформа за борба против екстремизмот.
– Платформата ги обединува претставниците на Владата, политичките партии, верските заедници, цивилното општество, академската заедница и медиумите. Нејзината цел е зголемување на свеста за значењето и улогата на сите учесници во општеството за спречување и борба против насилниот екстремизам и радикализација – вели Пејановиќ.