Лидерот на Самоопределување Албин Курти, кој е најсериозен кандидат за нов премиер на Косово, во емисијата „Опен“ на Топ чанел, изјави дека има еден услов за да разговара за идејата за мини-шенген, која е актуелна тема на српскиот претседател Александар Вучиќ и на албанскиот премиер Еди Рама.
– Ако мини-шенгенот го задржува реципроцитетот меѓу Косово и Србија тогаш може да дискутираме. Ќе ги свикав Владата и бизнис-заедницата за наше учество во оваа иницијатива. Косовските патенти не се признаваат во Србија, можеш да бидеш казнет со 800 евра. Преку оваа иницијатива, Србија сака да ги искористи нашите автопати – рече Курти.


Полицијата трага по српски студенти

Косовската полиција објави фотографии на двајца осомничени во случајот со убиството на Оливер Ивановиќ во Северна Митровица, во јануари минатата година. Граѓаните се повикани ако имаат податоци за лицата од фотографијата да пријават во косовската полиција преку телефон или имејл, пренесува „Коха“.
Се наведува дека објавувањето на овие фотографии со дозвола на Специјалното обвинителство има цел собирање податоци и идентификување на лицата од фотографијата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со објавената фотографија на косовската полиција, рече дека двете момчиња оделе на факултет утрото кога беше убиен Ивановиќ, а тие биле испрашани од српските државни органи.
– Во Приштина нека не се мачат да бараат терористи и убијци. Не станува збор за убијци. Тоа се студентите Иван Димитријевиќ и Милош Радосављевиќ од Прокупље со престојувалиште во Куршумлија. Ова кажува со каква несериозност настапуваат кон истрагата. Повторно Срби пријавија Срби и тоа лажно – изјави Вучиќ, на прес-конференцијата во Белград по одржувањето на седницата на Советот за национална безбедност.