Косово

Вршителот на должноста косовски премиер Албин Курти во писмото до специјалниот претставник на Европската Унија, Мирослав Лајчак, напиша дека САД и ЕУ мора да посредуваат во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој не треба да доведе до промена на границите. Двете страни во продолжувањето на разговорите треба да гарантираат дека во ниеден случај нема да се расправа за прашањата за меѓусебната сувереност, територијалниот интегритет и внатрешните работи.

Курти во писмото до Лајчак, испратено на трети април годинава, наведува дека не е „потребен дијалог со карти на масата, ни постапки што водат кон редефинирање на границата“, пренесува Радио Слободна Европа.
– САД и ЕУ мора да посредуваат во дијалогот, а конечниот договор треба да биде проследен со пакет политички, економски и финансиски мерки што ќе го забрзаат растот на животниот стандард во двете земји, како и нивната интеграција во ЕУ – напишал Курти.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека премиерот во оставка Албин Курти сериозно го прекршил косовскиот устав и истакна дека тоа било потврдено со одлука на Уставниот суд. Тачи потсети дека барал да се прогласи вонредна состојба на Косово поради ситуацијата со коронавирусот. Курти истакна дека целосно работел во рамките на Уставот и законите на Косово.