ЦРНА ГОРА

По преземањето на власта, новата владејачка коалиција на Црна Гора се задолжи со 750 милиони евра и ги донесе измените на Законот за слобода на вероисповедта. Со издавањето на обврзницата, со каматна стапка од 2,8 отсто, спречен е банкрот на државата. Задолжувањето на Црна Гора изнесува над 100 отсто од БДП. Со промените на Законот за сопственоста на црковниот имот се избегнаа меѓунационалните тензии и политичката криза во која беше земјата пред одржувањето на минатогодишните парламентарни избори.

По 31-годишното владеење на Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите, на парламентарните избори во 2020 година дојдоа на власт три коалиции „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и коалицијата „Црно на бело“. Владата е експертска, без учество на малцинските партии, кои сѐ уште се под контрола на актуелниот црногорски претседател Ѓукановиќ. Очекувањата на граѓаните од новата влада се големи. Во првите сто дена од владеењето се направени неколку придвижувања напред во социјалната правда, во недискриминацијата и борбата против корупцијата. Но засега новиот премиер Здравко Кривокапиќ ја извршува функцијата во соработка со структурите што се поставени од претходната владејачка партија ДПС, од каде што се очекуваат и големи опструкции, пишува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана (ИФИМЕС).

Аналитичарите сметаат дека Бошњаците и Албанците мора да почнат да градат својата иднина со другите сограѓани, без влијанието на ДПС, за да не бидат најголемата колатерална штета од независноста на Црна Гора.

Со доаѓањето на новата власт, Црна Гора станува несигурна земја за организираниот криминал. Голем број извештаи укажуваа на тоа дека во минатите години се толерираше криминалот, под изговор дека мирот и стабилноста се поважни од демократијата и владеењето на правото. Почетоците на криминалот во ЦГ се од времето на војните во регионот и меѓународните санкции, кога се создадоа нераскинливи врски меѓу политичките и криминалните структури. Со смената на власта, криминалните структури побараа „заштита“ во другите држави од регионот, особено во Србија, а во еден дел и Босна и Херцеговина, се наведува во анализата на ИФИМЕС.