Во Србија во карантин се двајца патници што престојувале во Кина

По епидемијата во Италија, мерките за заштита од ширењето на коронавирусот меѓу населението се зголемени во Хрватска

По епидемијата од коронавирус во неколку италијански места, Министерството за здравство на Хрватска даде препораки до училиштата да ги откажат сите патувања во Италија во наредниот месец. Од Министерството побарале образовните институции да достават и списоци за планираните патувања на учениците во Италија до крајот на јуни. Во исто време, издадени се препораки до одговорните лица и учениците да се информираат за заштита од коронавирусот, кои се објавени на официјалната веб-страница на Министерството.

Средношколци од Пула, кои во саботата биле во Венеција, се вратиле дома, каде што од службите за епидемиологија на Хрватскиот институт за јавно здравје добиле совет да останат во домашна изолација и да не одат на училиште.

Во Хрватска нема потврдени случаи за зараза од коронавирус. Тестовите на двајцата пациенти од болницата во Риека, како и на осумгодишното дете и неговата мајка во Загреб се негативни, објави ХРТ.

– Според новите упатства од Службата за епидемиологија на Хрватскиот завод за јавно здравство, регионот Венето и Ломбардија се подрачјата што се зафатени од епидемијата на коронавирус, а забележани се и четири смртни случаи. Децата и професорите што беа на екскурзија треба да останат две недели во домашен карантин и нема да посетуваат настава. Домашната изолација значи дека не смеат да излегуваат од дома – изјави Јасна Валиќ, раководителка на Службата за епидемиологија во Заводот за јавно здравство на Истарската жупанија.

Во Клиниката за инфективни и тропски болести на Клиничкиот центар на Србија биле направени девет теста на коронавирус и сите биле негативни. Во карантин се двајца граѓани на Србија што беа на крузерот „Дајмонд принцес“ и тие се во добра здравствена состојба.

– Двајца граѓани не се во изолација, туку во привремен карантин под засилен надзор. Сите сомнителни случаи се тестирани и сите се негативни. Поседуваме и скрининг-тестови за поширока детекција. Секторот за инспекциски надзор и епидемиолошката служба воведоа мерки за надзор над сите наши државјани што се повратници од Италија – вели Горан Стевановиќ, раководител на Инфективната клиника.

Од српското министерство за здравство препорачуваат да се избегнуваат патувања во загрозени подрачја, во кои има опасност од пренесување на вирусот, а сите што се враќаат од ризичните подрачја да постапуваат според упатствата на санитарните инспектори на границите и надлежните епидемиолози.

Бугарија ги презема сите мерки за борба против коронавирусот што ги препорача Светската здравствена организација, рече министерот за здравство Кирил Ананиев пред расправата за оваа тема во парламентот. Тој најави набавка на 6.200 маски за потребите на граничната полиција. Досега во Бугарија биле тестирани 23 лица што престојувале во Кина. Четири од нив биле хоспитализирани, во период од две недели, додека не помине периодот на инкубација на вирусот, пишува „Капитал“.

Според министерот за здравство Кирил Ананиев, агенцијата има обезбедено заштитна облека и маски за здравствените тимови, а ќе направи дополнителна набавка, бидејќи се очекува епидемијата да трае половина година. Ова се 2.600 комплети маски и заштитна облека што ќе се достават до четирите болници што ќе ги лекуваат болните, до лицата од Министерството за здравство и екипите на граничната полиција на аеродромите и екипите за итни случаи.

Според последните податоци, епидемијата на коронавирусот се шири низ светот, а забележани се околу 80 илјади случаи на заразени луѓе од 35 држави. Од болеста заздравиле повеќе од 25.000 пациенти, а 2.623 починале.

Венеција