Во поголемиот дел на Словенија, поради силните врнежи и топењето на снегот, дојде до нагло зголемување на водостојот на реките и помалите водни текови, а зголемена е и можноста за нивно изливање од коритата, предупреди денеска државната агенција за животна средина, пренесува МИА.
Како што се наведува, поплави се очекуваат во западните и јужните краишта, а во текот на денешниот ден локално може да падне и до 100 милиметри дожд ма квадратен метар, предупредуваат метеоролозите.
Се очекува најмногу да порасне водостојот на Купа и реката Река, а во текот на денот и горниот тек на реките Сава, Драва, но и на Љубљаница и Випава.
Слична е ситуацијата и во Босна и Херцеговина, каде што Одделот за хидрологија на Сојузниот хидрометеоролошки институт на БиХ денеска издаде предупредување за опасност од изливање на реките.
Предупредувањето е издадено, бидејќи во наредните денови се очекуваат многу врнежи .
Предупредувањето се однесува на притоките на Неретва – Дрежница, Лиштица, Буна, Требижат, Брегава, Крупа, басенот на реката Цетина, Купа, Уна, горниот дел од речниот слив на Босна.
Засега сите водотеци во БиХ се во рамките на нормалните граници и нема излевање од корита, а се уште се во сила одлуките за прогласување на состојба на природна катастрофа предизвикана од снежни врнежи за градот Ливно во општините Купрес, Гламоч, Босанско Грахово, Дрвар и Томиславград.