Исходот од вторите парламентарни избори одржани во Бугарија во изминатите три месеци веројатно ќе резултира со поделен парламент со истите шест партии кои влегоа во бугарското собрание во април, што не претставува изненадување, пишува „Балкан инсајт“.
„Има таков народ“ на Слави Трифонов собра најмногу гласови, со мала предност во однос на ГЕРБ на Бојко Борисов, која првпат по 2009 година не успеа да биде водечка партија на изборите. Тежиштето на моќта полека се префрла во полза на т.н. „протестни партии“, земајќи предвид дека ГЕРБ останува изолирана. Но, ниту трите „протестни партии“ немаат доволно гласови за да формираат мнозинство.
Изборите на тој начин не успеаја да пружат излез од политичкиот ќор-сокак во кој Бугарија се наоѓа уште од апил. Како резултат на ваквата ситуација, продлабочената политичка криза веројатно ќе се материјализира во следните месеци, а тешко е да се предвиди нејзиниот исход. Постои можност и за одржување на нови избори наесен.
Желбата за промени во Бугарија која беше изразена и преку масовните протести останува неисполнета. Кога новиот состав на собранието ќе почне да заседава, веројатно ќе продолжи да функционира на ист начин како и претходниот, со туркање на законите кои треба да го засилат владеењето на правото и да се борат против корупцијата. Многу работи, сепак, ќе зависат од прашањето за формирање на нова влада. Бугарија не добива големо внимание на меѓународната сцена, но ситуацијата би можела да се смени ако ЕУ и НАТО почнат да ја гледаат нестабилноста во државата како закана. На потег е Слави Трифонов, кој останува политичка непознаница.