Во српскиот град Шид, кој се наоѓа во Сремскиот округ, каде има три прифатни центри за мигранти, во последните 24 часа регистрирани се 50 инциденти, пренесуваат регионалните медиуми.
Заменик претседателот на општина Шид, Зоран Семеновиќ за ТВ Прва изјави дека армијата во соработка со полицијата затекнала мигранти надвор од прифатните кампови односно надвор од местата предвидени за нивно движење, при што во текот на ноќта имало неколку помали инциденти.
Тој додаде дека забележано е оти неколку таксисти со возила со регистрации од Кикинда и Белград донеле групи мигранти во Шид.
Семеновиќ исто така рече дека мигрантите биле без заштитни маски и дека градот стравува оти епидемиолошката слика на територијата на целата општина Шид може да се влоши поради ваквите постапки.
Поради влошената безбедносна состојба во оваа сремска општина, од саботата е ангажирана српската воена полиција, по наредба на претседателот Александар Вучиќ.
Безбедносните сили обезбедуваат три прифатни центри: Адашевци, Принциповац и Шид.