Српската листа сака уставни измени за да се отвори патот за формирање заедница на српските општини. Оваа опција ја најави Игор Симиќ, пратеник во косовскиот парламент, кој рече дека без овие измени не е можно да се реализира планот за ЗСО.
– Овие измени се неопходни, како и интервенцијата во другите закони, за да се овозможи правна рамка во согласност со Бриселската спогодба. Доколку не се направи почетниот чекор, сето преостанато претставува повторно одложување на целиот проект – вели Симиќ за Радио Слободна Европа.
Поранешниот претседател на Уставниот суд и сега професор по меѓународно право, Енвер Хасани, вели дека пратениците на Српската листа имаат легитимно право да иницираат уставни измени, почитувајќи ја процедурата со собирање 30 пратенички потписи.
Милијам Зека, член на Одборот за локална самоуправа, вели дека нема да прифати никакви уставни измени со кои ЗСО би станала мини-држава.
Шефот на косовската делегација за технички дијалог со Белград, Авни Арифи, информира дека заедницата на општини со мнозинско српско население ќе се формира најдоцна до крајот на годината, доколку биде во согласност со Уставот и законите на Косово, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Арифи за „Епока е ре“ изјави дека Владата е во очекување на нацртот на статутот на заедницата.
Тој нагласил дека косовската страна прави максимални напори за исполнување на меѓународните обврски.
Прашан дали е можно заедницата да остане да се реши во „финалето“ на дијалогот Косово – Србија, тој не ја отфрлил таа можност, но рекол дека сепак Приштина цело време се залага за заживување на меѓународните обврски што ги презела.