Албанија го забрани летањето на авионите „Боинг 737 Макс 8“ и „Боинг 737 Макс 9“ во нејзиниот воздушен простор.
Ваква одлука денеска донесе албанското цивилно воздухопловство, придружувајќи се на европската агенција за безбедност во авијацијата (EASA), по уривање на авионот Боинг Mакс 8 на „Етиопиан ерлајнс“ во неделата, при што загинаа 157 патници и членови на екипажот.
Тоа беше втора фатална несреќа на тој модел на авион за помалку од пет месеци.
Во соопштението на албанското цивилно воздухопловство се наведува дека на меѓународниот аеродром во Тирана нема да слетува или полетува ниту еден авион од овој тип на ниту една програмирана релација и оти „мерките за претпазливост“ ќе останат во сила до следно известување.
Албанија со оваа одлука им се придружи на Австралија, Кина, Малезија, Сингапур и други земји кои ги приземјија овие авиони.