Турција денеска доби уште едно предупредување од Европската Унија, откако најави дека нејзиниот истражувачки брод Јавуз ќе продолжи со операциите во спорните води на Медитеранот, близу Кипар, до средината на септември.
Бродот Јавуз ќе биде во придружба на уште три турски брода, иако во предупредувањето од ЕУ, се вели дека сите бродови недвосмислено се предупредуваат да не пловат во тоа подрачје, пренесува „Ројтерс“.
Спорот меѓу Турција и Грција се интензивира минатата недела поради правата за истражување на наоѓалишта на нафта и гас во Медитеранот, дури дојде и до помал судир меѓу грчки и турски бродови.
– Турските планови за истражување на нафтени резерви во Медитеранот се однесуваат и на делови на морскиот појас кој му припаѓа на Египет, односно на Кипар и тоа дополнително ги поддигнува тензиите – предупреди европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел и ја повика Турција без одлагања да ги прекине сите активности во тој дел на Медитеранот и да започне дијалог.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека јазикот на закани и санкции нема да ја одвратат Турција од намерата да ги заштити своите законски права.