Министрите за внатрешни работи на Европската Унија на вонредниот состанок во Брисел изразија солидарност со Грција, Бугарија, Кипар и со останатите членки кои вложуваат напори за одржување на редот на надворешните граници на Унијата, пренесува српски „Курир“.
По вчерашниот состанок, министрите порачаа дека ЕУ ќе ги преземе сите потребни мерки во согласност со меѓународниот закон за да ги спречат нелегалните преминувања на границите.
– ЕУ ќе продолжи тесно да соработува со земјите од Западен Балкан во управувањето со мигрантските текови – соопшти Советот на Европа.
Вонредниот состанок беше свикан за да се разгледа ситуацијата на надворешните граници на ЕУ со Турција, кои во последните денови се под голем притисок од мигрантите што турските власти ги пропуштаат преку својата територија.
Курц: Ако мигрантите ја пробијат грчката граница, ќе ги запреме на Западен Балкан
Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна дека постои тројна безбедносна мрежа во одбраната на ЕУ по повторувањето на мигрантската криза од 2015 година, која предвидува дека ако мигрантите ја пробијат грчката граница, ќе бидат запрени на Западен Балкан, пренесува „Кронен цајтунг“.
– Постои тројна мрежа. Прво, грчката влада, за разлика од претходно, е одлучна во одбраната на надворешната граница на ЕУ. Ние сме во тесен контакт со пријателите од Западен Балкан и тие се подготвени, во случај на пробивање на грчката граница, да ги заштитат своите граници и да не дозволат пропуштање на мигрантите. Трето, министерот за внатрешни работи е подготвен да ја заштити границата на Австрија од пробој на мигрантите. На тој начин ќе спречиме нова мигрантска криза како онаа во 2015 година – рече Курц.
Тој предупреди дека ако ЕУ им дозволи влез на бегалците кои во моментот се наоѓаат на турско-грчката граница, милиони ќе тргнат на пат. Според Курц, сега најважно е да ѝ се даде на Грција што подобра поддршка и ЕУ да упати јасна порака дека нема да дозволи уцени од страна на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Тој нагласи дека актуелната ситуација не е случајност, туку свесно организиран напад од Турција.