Најновите случувања, според политичките аналитичари, треба да се гледаат во контекст на пошироката геостратегиска политика и притисокот на големите сили за засилување на влијанијата во повеќе региони каде што се поклопуваат економските, политичките и воените интереси на Турција и западните земји
Напнатост на Босфорот по барањата на меѓународната заедница за почитување на човековите права во Турција
Надворешнополитичките односи на Турција со земјите од Западна Европа и од САД се одвиваат во атмосфера на постојана напнатост. Неделава повторно излегоа во прв план несогласувањето за непочитување на човековите права од страна на властите во Анкара, што предизвика и остра реакција од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој го критикуваше однесувањето на амбасадорите на десетте држави што повикаа на ослободување на уапсениот филантроп Осман Кавала. Ердоган ги смета нивните барања за „неодговорни“ и испратил порака дека амбасадорите на тие држави, меѓу кои Франција, Германија и САД, не се добредојдени во Турција.
Како што објави агенцијата „Анадолија“, меѓународните дипломати во Турција издале заедничко соопштение во кое се повикува на ослободување на Кавала, кој е во затвор веќе четири години без пресуда, и покрај тоа што Европскиот суд за човекови права побара негово пуштање на слобода. Во 2020 година тој беше ослободен од обвинувањата поврзани со протестите организирани низ државата во 2013 година, но оваа година пресудата беше укината и комбинирана со обвинувања за друг случај во врска со обид за организирање државен удар во 2016 година.
Независно од дејствувањето на западните дипломати, Светската организација за борба против перење пари (ФАТФ) неделава ја стави Турција под надзор поради пропусти во борбата против перењето пари и финансирањето тероризaм. Шефот на ФАТФ, Маркус Плеер, изјави дека „сè уште постојат сериозни проблеми“ при контролата на финансиските операции во Турција, поради што организацијата ја вклучила Турција во својата сива листа на земји под засилен надзор поради стратегиски недостатоци во нејзините режими за борба против перењето пари и финансирањето тероризам.
Најновите случувања, според политичките аналитичари, треба да се гледаат во контекст на пошироката геостратегиска политика и притисокот на големите сили за засилување на влијанијата во повеќе региони каде што се поклопуваат економските и политичките интереси на Турција и западните земји. Овде во прв план доаѓаат до израз различните позиции на Анкара за користењето на природните ресурси на нафта и гас во Средоземно Море, на што се противат Франција, Грција и Египет. Европската Унија, пак, од своја страна, е загрижена за сѐ поголемото присуство на турските инвеститори и влијанието што Анкара го има во креирањето на внатрешните политики во Босна и Херцеговина и Косово, како и за развивањето на пријателските односи меѓу Србија и Турција, кои се обидуваат да воспостават и балансиран однос во меѓународните односи, пред сѐ со одржување блиски релации со Русија. Односите на САД и Турција, кои се базираат на воената соработка и сојузништвото во НАТО, долги години се „замрзнати“ поради неисполнувањето на барањето на Турција за испорачување на главниот опозициски лидер Фетулах Гулен, кој се наоѓа во САД. Токму ова е причината за недоразбирањата меѓу Вашингтон и власта на турскиот претседател, кој настојува да ги казни неговите политички противници, за кои Ердоган смета дека се и учесници во неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година, за што се обвинува и бизнисменот Кавала, кој е еден од вкупно 52-те лица обвинети во судската постапка што е во тек, а се однесува за настаните во паркот „Гези“.
– Во меѓународната заедница, Кавала е исто што и Сорос. Тие со пари се обидуваат да го потресат секое место што ќе посакаат. Треба внимателно да се следат. Се обидуваат да се инфилтрираат на Балканот. Секако, нема да им дадеме можност. Прават слични работи на Косово, во Македонија, Албанија… Ние како Турција сме силни и не дозволуваме да се инфилтрираат кај нас. Значително е намален бројот на терористи и нашата одлучна борба против тероризмот ќе биде продолжена – порача турскиот претседател, пренесува Ал џезира.
На внатрешен план, владата на Реџеп Таип Ердоган се соочува со предизвиците во домашната економија и притисокот од инфлацијата, која влијае и на порастот на цените на производите. Турскиот претседател неодамна го смени гувернерот на Централната банка на Турција, а веднаш потоа беше намалена референтната каматна стапка за два процентни поени, на 16 проценти, што е огромно намалување и ги надмина прогнозите на инвеститорите и бизнисмените. Намалувањето на каматите следува по отпуштањето на тројцата највисоки раководители во Централната банка, кои беа „обвинувани“ за високите каматни стапки и за инфлацијата, која на годишно ниво достигна до 20 отсто во текот на септември.
Кратењето на каматните стапки беше критикувано од опозицијата, а еден од лидерите, Кемал Киличдагоглу, изјави дека Ердоган и бирократите што го следат „ја водат државата во глад“. Поранешниот премиер Алунед Давутоглу истакна дека „Централната банка е под контрола на политиката, наместо таа да се бори против инфлацијата“. По објавувањето на висината на новата каматна стапка, турската лира е на најниско ниво во однос на американскиот долар (9,49 турски лири за еден долар). Националната валута годинава изгуби 20 отсто од вредноста во однос на доларот, што се одрази на целата економија, а земјата ја врати во времето од 1990 година, кога влезе во нестабилен инфлациски циклус. Сѐ поголем број граѓани излезот од високите цени го бараат преку сивата економија, а главните улици во градовите се претвараат во отворени пазари од ситни продавачи на импровизирани тезги за овошје, зеленчук и разни дребулии.