Верувам дека постои значајна можност во следниот период да инвестираме во позитивната агенда меѓу двете земји, Грција се наоѓа во посебен период, излегува од долгогодишната криза, но паралелни решава и децениски проблеми како што е спорот со Северна Македонија, порача денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Еродган во Анкара.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас и Ердоган на заедничката прес-конференција по нивната средба, се задржаа на билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување, на мигрантската криза, кипарското прашање, но и на осумтемина турски војници кои добија азил во Грција.
Ердоган истакна дека борбата против тероризмот е важна, па затоа двете земји, како сојузници, треба заедно да се борат и да имаат заеднички третман за организации, како Курдската работничка партија (ПКК) или движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и „не треба бегалците припадници на овие движења да се наоѓаат во Грција“.
– Ние тоа го сакаме и сакам да го привлечам вниманието на соседната земја. Мора да ги почитувавме оние кои на 15 јуни (2016 година) ги изгубија животите справувајќи се со овој пуч и очекуваме дека и Грција, исто така, ќе го почитува ова и ќе дејствува соодветно кон овие бегалци, кои ги згрижи, порача турскиот претседател.
Ципрас, од своја страна, изјави дека грчката Влада, Грција и грчкиот народ се категорично против оние кои се обидоа да ја урнат демократски избраната Влада на Турција и дека Грција е земја „која ја поддржува демократијата и нема намера да брани пучисти“, но дека земјата има свој правен систем и ги почитува одлуките на судот.
– Грција како држава во која владее правото мора да ги почитува одлуките на судот. Секако, во Грција пучистите не се добредојдени, но сепак она што е важно во овој момент е да ја зајакнеме соработката во безбедноста, за ефективно да се справиме и со мрежите на криумчарите (на луѓе) во Егејското Море и кај Марица и со секоја криминална група и со се што е сомнително и што сака да создаде проблеми во добрососедските односи и соработката меѓу две земји, нагласи грчкиот премиер.
И Ципрас и Ердоган говореа за подобрувањето на билатералните односи и за развивање на врските во сите области, но турскиот претседател истакна дека прво е потребна доверба.
Ципрас објасни дека на средбата предмет била можноста да се создадат услови за подоцна да може да се направат историски чекори во грчко-турските односи. – Ние сакаме да ги поставиме темелите за подоцна да можеме да градиме, истакна Ципрас.
Во однос на бегалскиот и мигрантскиот проблем, Ердоган објасни дека Турција во овој момент се грижи за четири милиони бегалци и има потрошено 35 милиони долари.
По средбата и прес-конференцијата, Ердоган и Ципрас, разговорите ги продолжија за време на вечерата во чест на грчкиот премиер и грчката делегација, а по покана на турскиот претседател, присутен ќе биде и вселенскиот патријарх Вартоломеј.