Во првите две недели од примената на строгите мерки за заштита од епидемијата, жителите на Сараево имале слични симптоми на однесување како од периодот на воената блокада на градот, која траела 44 месеци
Животот во изолација и карантин поради коронавирусот ги врати спомените на жителите на Сараево во времето од 1990-тите години, кога градот наметнуваше високо ниво на креативност на луѓето, за полесно да ги поминат деновите затворени во четири ѕида. Опсадата на Сараево од страна на српските воени формации траеше 44 месеци и е најдолгата блокада на еден град во најновата историја на војување. Таа им го смени начинот на живот на многумина сараевчани, кои сега се принудени повторно да го поминуваат времето во изолација, поради мерките за заштита од ширењето на епидемијата.
– Во првите две недели во изолација реагирав на истиот начин како и кога имав 17 години, кога во Сараево почна војната. Се присетив на тие емоции и чувства. Без разлика на тоа што сега знам да се справам со тоа. Се прашувам како им е сега на денешните деца, на возраст од 17 години што сакаат да ги слават своите родендени и како тие реагираат на сето тоа. Особено што се дел од едно трауматизирано општество – вели Лејла Хаџимешиќ, која по професија е психолог, во разговор за Радио Слободна Европа.
Опсадата на градот ѝ го сменила животот од корен. Се подготвувала да го прослави својот 18-ти роденден кога почнала војната. Седела во својата соба, а имала измешани емоции на страв, лутина и бес. Но најмногу од сѐ се чувствувала осамено и во изолација, што ќе се одрази и неколку години по завршување на војната. Ѝ требаа години за да се справи со тоа дека е дел од едно трауматизирано општество, за што ѝ било потребно помош да ги надмине воените искуства и трауми. Со појавата на коронавирусот, мерките за самоизолација и физичка дистанца, неможноста да ги види пријателите, повторно ѝ го сменија животот.
Професорот по психологија на универзитетот „Прау“ во Њујорк, Лука Луциќ, ги истражувал промените на децата и тинејџерите во текот на опсадата на Сараево.
– Во состојбите што за други предизвикуваат восока анксиозност, децата од минатата војна може да функционираат многу посмирено и пологично да размислуваат, без некаков притисок. Прерано е да се разговара за промените кај луѓето предизвикани од животот под пандемија. Но сигурно е дека општеството на извесен начин ќе се менува. Ако луѓето не се толку погодени од пандемијата, социјалните интеракции многу побрзо ќе се вратат – објаснува Луциќ.
Професорката Лилиана Оруќ, која предава психијатрија, за РСЕ вели дека сегашната состојба со самоизолации ќе влијае кај лицата што имале некаква патологија. Доколку постоело семејно насилство, тоа ќе се интензивира, или во случај ако некој има анксиозно или депресивно нарушување. Но доколку изолацијата не трае долго, таа нема да има поголеми последици.
– Луѓето што поминале низ трауми во текот на војната и добро се адаптирале, може да развијат и заштитни механизми – вели таа за РСЕ.
Сараевчанката Мелиха Варашановиќ, позната по фотографијата на која во пролетта 1994 година чекори на високи потпетици гордо пред еден вооружен војник, вели дека паниката и стравот предизвикана од пандемијата асоцирале на војната.
– Мораме да ги почитуваме советите и препораките. Тешко е, но мораме да имаме на ум дека треба да продолжиме со животот. Мораме да ја зачуваме свеста. Се плашев и во војната, но секој ден се подготвував и се шминкав и пеш одев на работа – вели таа.
Во текот на опсадата на Сараево, луѓето имале акутна перцепција за просторот и времето. Просторот бил нешто од кое доаѓала опасноста и било потребно да се намали времето да се биде на тој простор. Професорот Луциќ заклучува дека и во сегашната самоизолација се забележуваат слични функции, кога луѓето настојуваат да не бидат долго изложени надвор, и тоа се одразува на начинот на кој размислуваат.