За 30 отсто се очекува да се зголемат давачките за користење на 2,4 милиони возила што се регистрирани во Бугарија. Од почетокот на следната година ова може да стане реалност откако пратениците од финансиската комисија на парламентот ги усвоија измени во Законот за локалните даноци и такси на прво читање.
Со измените се додава уште една компонента – еколошка, според која бугарските граѓани ќе плаќаат повеќе или помалку, во зависност од тоа колку загадува нивниот автомобил, како и од тоа во која општина живеат, пишува „Монитор“.
– Воведувањето еколошка компонента е во насока на зголемување на данокот за автомобилите што ја загадуваат животната средина и на намалување на данокот за оние што се со последната категорија евро 6 – вели претседателката на финансиската комисија Менди Стојанова.
Висината на данокот се утврдува од страна на општинските совети, но нема да надмине над 30 проценти. Со оваа давачка ќе бидат погодени пониските социјални групи, кои користат главно стари автомобили. Дури 87 отсто од вкупниот број автомобили во Бугарија се постари од 15 години.