Албанскиот премиер Еди Рама (54) повтори дека тој е во политиката случајно и дека отсекогаш сакал да биде уметник.
– Отсекогаш ме исполнувал животот на уметниците, сликарите и професорите по ликовна уметност, толку многу што никогаш немав амбиции да бидам премиер – изјави Рама за француски „Форбс“, пренесува порталот „Егзит“.
Тој вели дека долго се двоумел дали да влезе во политиката кога му било понудено министерско место, но дека сакал да направи нешто за својата земја.
– Албанија имаше многу тешко минато, најтешко од сите комунистички земји, па јас бев нестрплив да учествувам во нејзината реконструкција – рече тој, жалејќи се дека додека бил градоначалник на Тирана не бил толку критикуван како што е сега, кога е премиер.
Минатата година во Берлин беа изложени дела на Рама насликани на документи и хартии што ги користи во секојдневниот живот. Често овие цртежи ги печати како тапети и ги продава.