Европската комисија повика на проширување на шенген-зоната кон Хрватска, Бугарија и Романија, кои ги исполнуваат сите технички критериуми за членство во област каде што нема гранични контроли меѓу земјите-членки.
Комисијата претстави стратегија за „посилна и поотпорна“ шенгенска зона, која вклучува проширување на таа област на земјите членки на ЕУ кои сè уште не се дел од таа област.
– Иднината на Шенген мора да биде обележана со проширување кон оние земји членки кои сè уште не се дел од Шенген-зоната. Овие се легитимни очекувања и законска обврска за оние земји кои се оценуваат дека се подготвени да се приклучат – рече Комисијата.
Денешниот Шенген се состои од 26 земји, меѓу кои четири не се членки на ЕУ: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Сите земји членки на ЕУ, освен Хрватска, Бугарија, Романија, Кипар и Ирска се дел од Шенген-зоната. Првите три земји ги исполнуваат сите технички критериуми и сега е на земјите-членки да донесат политичка одлука за нивниот прием. Кипар не ги исполнува условите затоа што не ја контролира целосно својата територија, додека Ирска не сака да се приклучи на Шенген бидејќи во спротивно ќе мора да воведе гранични контроли со Северна Ирска, што е спротивно на мировниот договор постигнат во 1998 година, што стави крај на конфликтот во Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство.
– Се надевам дека Советот ќе донесе одлука што е можно поскоро за приемот на Хрватска, Бугарија и Романија во Шенген-зоната – рече комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Една од главните цели на стратегијата е да се обезбеди ефикасно управување со надворешните граници. Комисијата наведува дека тоа треба да се постигне преку распоредување на Европската гранична и крајбрежна стража и преку создавање на интероперативен систем за управување со информации и управување со миграцијата до 2023 година.
Следната цел е внатрешно зајакнување на Шенген, со тесна соработка меѓу земјите членки за спречување и борба против безбедносните закани со цел да се елиминира недостатокот на контроли на внатрешната граница.