Уставниот суд на Босна и Херцеговина на дводневна седница во Сараево ќе го разгледува барањето на членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик за оцена на уставноста на законот што го уредува користењето на државното знаме. Прашањето за истакнување на знамето на БиХ беше во фокусот во декември 2018 г., со изборот на Додик како претставник од српската заедница, кој инсистираше покрај државното знаме во неговиот кабинет да стои и ентитетското знаме на Република Српска. Претставниците на хрватската и на бошњачката заедница, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, се спротивставија на намерата на Додик. Одлуката на Уставниот суд ќе биде објавена во вторник наредната недела.
Политичката аналитичарка Тања Топиќ смета дека оваа иницијатива пред Уставниот суд се вклопува во политичкиот фолклор, а намерата е пред граѓаните да се поставуваат теми што суштински не им го менуваат животот, но служат за собирање евтини политички поени.
– Едноставно со популизмот и билдањето на националните мускули се настојува да се одржи тензија во политичкиот простор. Овие прашања секогаш претставуваат жешка политичка тема пред изборите или во изборни години, иако тие нема ништо да променат – вели Топиќ за Радио Слободна Европа.
Во своето барање, Додик не ги оспорува изгледот и обликот на знамето, туку ги проблематизира процедурите за донесување на измените и дополнувањето на Законот за знамиња од 2004 година, кои се освоени без потврда од Претседателството на БиХ. Одредбите што се наоѓаат во неуставниот Закон за измена и дополнување на Законот за знамето на БиХ се однесуваат на одредување на локациите на кои се истакнува знамето на БиХ, како и за паричните казни поради неговото неистакнување.