На прашањето дали Загреб ќе ги блокира пристапните преговори на Србија со ЕУ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговори дека „патот кон ЕУ е полн со услови“
Годинашната комеморација за жртвите во Вуковар беше искористена од официјалните политички претставници од Загреб да упатат низа обвинувања на сметка на властите во Белград и да се прати нова закана со поставување услови и блокади на европскиот пат на Србија. На чествувањето, кое се одвива под насловот „Колона на сеќавање“, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на хрватскиот парламент Горан Јандраковиќ, нагласија дека не постои политичка волја во Србија за да достави податоци за исчезнатите лица во последната војна и побараа Белград да ги отвори своите архиви.
Изјавата на Пленковиќ е дадена од градот Вуковар, кој беше на главната линија на фронтот во војната од деведесеттите години и во услови на „нагласен“ патриотизам, повторно ја подигна тензијата на релацијата меѓу Белград и Загреб. Ова се случува кога се очекува Хрватска од 1 јануари да го преземе претседавањето со ЕУ, а не е исклучено таа во својот шестмесечен мандат да изврши дополнителен притисок врз Србија, заради остварување на своите претходно поставени барања. Ваквиот начин на дејствување на земјите-членки на Европската Унија не е непознат, а досега имало многу примери на отворени уцени кон соседните земји, кои се правеле од европски позиции. Така, познат е случајот на Словенија во однос на Хрватска, околу поморската граница во Пиранскиот Залив, но и отворените притисоци што ги правеше и Грција кон Македонија околу промената на уставното име, а во последно време и Бугарија околу „новото читање на историјата“ и нејзината улога во Втората светска војна, како сојузник на тогашната нацистичка Германија.
На прашањето дали Загреб ќе ги блокира пристапните преговори на Србија со ЕУ, хрватскиот премиер одговори дека „патот кон ЕУ е полн со услови, а пристапувањето во европската заедница е долг процес“.
Јандраковиќ јасно предупреди дека Хрватска е членка на ЕУ и дека „постојат механизми со кои Хрватска може да се послужи кога станува збор за преговарање со која било држава што претендира да влезе во членство во ЕУ“.
– Актуелната политика на Србија не е добра и таа не ѝ користи на довербата на овие простори ни за подобрување на односите меѓу двете држави. Хрватска беше жртва на големосрпската агресија – изјави тој.
На овие изјави на хрватските официјални лица реагираше Јадранка Јоксимовиќ, министерка за европска интеграција, која рече дека процесот за пристапување кон ЕУ е долг, меѓу другото, и затоа што патот на Хрватска кон ЕУ не бил долг и без поставување големи услови.
– Поучена од искуството од претставниците на ЕУ се бараат заострени критериуми. Да беше така кон Хрватска можеби владеењето на правото и правата на Србите во Хрватска би биле подобри, можеби и животниот стандард би бил повисок, а толку многу луѓе не би заминувале од Хрватска – вели Јоксимовиќ.
Во Загреб, денеска, почнува Конгресот на европските народни партии, од кој се очекува да бидат испратени пораки за охрабрување на земјите од Западен Балкан. По изјавите на хрватските политичари дополнително беа влошени односите со Белград, а српскиот претседател Александар Вучиќ го откажа учеството на конгресот.