Земјите на периферијата на ЕУ издаваат дампинг-државјанства, а целата постапка е сведена на инструмент со кој се постигнуваат идеолошки, политички или економски цели, посочува Ивајло Дичев, бугарски антрополог за култура

Европската Унија го следи примерот на Римското Царство, кое на странците им давало државјанства преку кои подоцна влијаело врз соседните народи. Ветувањата за проширување многу години го стабилизираа и го смируваа соседството. Паневропското државјанство, предвидено со Спогодбата од Мастрихт, кај многу Европејци предизвика извесна непријатност. Но големиот шок пристигна со проширувањето на ЕУ, кога во 2007 година Бугарија и Романија беа примени за полноправни членки без поголема радост кај другите земји. Прашањето за тоа каде би требало да поминуваат надворешните граници на ЕУ сѐ повеќе беше во центарот на јавните дебати, пишува Ивајло Дичев, антрополог за култура од Бугарија, во анализата што ја објави „Дојче веле“.

По распаѓањето на Советскиот сојуз, Германија и Грција им доделија државјанства на припадниците на своите малцинства, кои од странство се вратиле во земјите од каде што потекнуваат нивните предци. Унгарија а подоцна и Бугарија го применуваа принципот на „народи“ на уште понационалистички начин, затоа што според своите националистички идеологии тие говорат за „сопствени“ територии, кои биле раздвоени со неправедните војни. Унгарското државјанство за припадниците на унгарското малцинство во соседните земји, врз основа на потеклото, од 1993 година стана некој вид политички став, пишува Дичев, кој моментално предава на Универзитетот во Регенсбург како гостин професор.

Во случајот со Бугарија често нема никакви документи за потеклото, па затоа кај малцинствата во странство се оди на нивното „чувство дека се Бугари“. Ивајло Дичев во својата анализа објаснува дека не постојат јасни критериуми за тоа што значи „дека се чувствуваш Бугарин“. Одлуката за тоа е во рацете на одредени државни службеници. Тоа беше и подлога да процвета нечистиот бизнис со бугарските пасоши, кои биле продавани за 5.000 евра, до откривањето на аферата во 2018 година. Во оваа корумпирана махинација биле вмешани и припадници на една националистичка партија во Бугарија, кои се расфрлаа со патриотски метафори.

Истовремено државјанствата се користат и како економски ресурси, со кои одредени лица се стекнуваат преку т.н. „златни визи“ или финансирање инвестициски програми. Во овој контекст ЕУ, покрај на Бугарија, го критикуваше и однесувањето на Кипар и на Малта. Притоа не се критикуваше самиот принцип, туку само тоа што не постојат доволно контролни механизми. Поради тоа постои ризик криминалците да се стекнат со државјанства на споменатите земји. Европската комесарка за правда, Вера Јурова, ги наведува примерите со сомнителните руски граѓани, кои преку овие држави би можеле да влезат во ЕУ.

Но проблемот не е само во безбедноста. Зад легалните фасади постои вистински пазар на кој се тргува со државјанствата и на кој владите меѓусебно жестоко се натпреваруваат. Помалите земји нудат можности за добивање на државјанствата во замена за скромни инвестиции. Штом инвеститорот го добие посакуваниот пасош, тој би можел да се повлече од работата и да го продаде својот дел. Другите држави ветуваат дека не е потребно да се полагаат тестови за познавање на соодветниот јазик ни да се прават лекарски прегледи. За одредена парична сума или со изнудени донации државјанствата се добиваат директно, а новите државјани без ја напуштат земјата во која реално живеат.

На овој начин основниот принцип за припадност на една нација е искомпромитиран. Ослободено од каква било морална обврска, државјанството на една земја е деградирано и е сведено на инструмент со кој се постигнуваат идеолошки, политички или економски цели. Реакцијата е опасна: за да се создаде чувство на припадност се промовираат заостанатите принципи како што се припадност на раса, религија или историски фанатизам, што сето тоа ја подјадува Европската Унија.

Државите на периферијата на ЕУ промовираат политика за издавање дампинг-државјанства, слично како на пазарот на трудот или во системот на социјалната заштита. Зошто тоа не стана голем проблем? Бидејќи гигантите како Германија во овој момент не прават ништо, затоа што тоа им е еден од патиштата преку кои се доаѓа до потребната работна сила, без да им се спротивстават на сопствените националистички популисти.

За надминување на овој проблем постојат два излеза, заклучува Дичев. Едниот е да се воведат заеднички закони за доделување на државјанствата, кои би биле задолжителни за сите држави-членки на ЕУ. Но во време на популизам тоа би било многу тешко да се спроведе.

Поедноставно би било да се диференцираат потребите на ЕУ и на одделните нации. Некој би бил прво државјанин на одредена земја, а потоа би морал да аплицира за супернационално европско државјанство. Доколку некој мисли дека тоа е во спротивност со европските договори би требало да се помисли на тоа дека ако не се прекине со ваквата измамничка практика за доделување на државјанствата, ќе дојде до воспоставување на еден вид хиерархиска важност на пасошите во ЕУ за одредени земји. Без разлика дали тоа им се допаѓа или не на некои земји-членки на европската заедница, заклучува Ивајло Дичев, во својата анализа за „Дојче веле“.