Во Елбасан, Албанија и Косово одржаа седма заедничка владина средба
Владите на Албанија и на Косово вчера во Елбасан, град во централна Албанија, ја одржаа седмата заедничка седница на која беа потпишани 15 договори. Меѓу другите и оној за укинување на дозволата за привремен престој за државјаните на двете земји, признавање на социјалното осигурување и за меѓусебни олеснувања во царинските постапки за влез и излез на стоки. Сепак, најголемо внимание кај новинарите, по завршувањето на седницата, беше посветено на прашањето за референдум околу можното обединување на Албанија и Косово.
– Дали е ова прашање или провокација? Не разбирам. Ако ме прашате за хипотезата за мирен референдум за обединување на Албанија и Косово, јас би гласал отворено – за, да бидеме јасни. Ако ме прашате дали ќе се случи или не, јас велам дека ќе се случи, не знам кога ќе се случи, како ќе се случи, но дека тоа ќе се случи еден ден, велам да – рече Рама.
Од своја страна, премиерот на Косово, Албин Курти рече:
– Ние не го избираме прашањето за обединување на Албанците, туку тоа нѐ избира нас. Не можеме да одлучуваме за такви историски процеси и да одредуваме датуми и начини.
Косовскиот премиер Албин Курти го повикува албанскиот премиер Еди Рама да им даде приоритет на билатералните односи со Косово наместо да се залага за воспоставување контроверзни регионални иницијативи како „Отворен Балкан“, на кои Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина одбиваат да се приклучат.
Рама останува на ставот дека соработката меѓу сите шест земји од Западен Балкан е вистинскиот пат, објави „Егзит њуз“.
Првата заедничка седница на владите на двете земји беше одржана во 2014 година во косовскиот град Призрен. Досега двете земји имаат потпишано 86 договори, но некои од нив останаа само во протоколарната статистика, бидејќи не беа спроведени.
Паралелно со ова, во Приштина се состанаа претседателката на Косово, Вјоса Османи, и претседателот на Албанија, Илир Мета, при што домаќинката побарала од гостинот неговата земја да се заложи за промовирање на Косово во меѓународните организации во кои таа земја сѐ уште не членува.
Во соопштението по средбата на претседателите на Косово и на Албанија во Приштина, се вели дека Османи побарала од Мета и да се заложи за пренесување на пораката во регионот и во светот дека Балканот е под закана од Србија.