Грчката држава во врска со приватизирањето на пристаништата води стратегија што е диктирана од потребата за јакнење на меѓународните сојузи поради тензиите со Турција и поради ширењето на интересите во југоисточниот Медитеран, кој последната година е повод за несогласувања за искористувањето на енергетските потенцијали под морското дно
Геополитичките игри на големите воени и економски сили во светот за преземање на грчките пристаништа добиваат интензитет. Компаниите од САД, Кина, Русија, кои се следени и од Израел, Италија и Германија, се учесници во натпреварот за преземање или контрола над грчките пристаништа од Александропулос на североистокот од Егејско Море, преку Иракли на југот на островот Крит, до Игуменица на северот на Јонско Море, со пристаништата Астакос, Волос и Кавала. За преземањето на грчките пристаништа сериозни намери покажуваат независните американски приватни компании, кои со парите од државната Финансиска корпорација на САД за меѓународен развој (ДФЦ) сакаат да ги закупат пристаништата Александропулос, Кавала и Волос, објавија американските весници.
Конзервативниот атински весник „Катимерини“ вчера потсети на геополитичкото и економското ривалство за преземање на грчките пристаништа во кои учествуваат големите сили. Грчкиот весник тоа го поврзува со минатонеделното впловување на најсовремената руска фрегата „Адмирал Касатонов“, со придружната флота, во пристаништето Пиреа, кое е под контрола на кинеската државна компанија. Ова пристаниште е на десетина километри од пристаништето на воената морнарица на Грција.
Државната кинеска компанија „Коско шипинг“ поседува мнозински акционерски капитал од 51 отсто во пристанишното претпријатие во Пиреа. Главната дејност на кинеската фирма е претовар на контејнери, но не е тајна дека Пекинг преку ова пристаниште сака да ја спроведе економската дипломатија преку новиот Пат на свилата, со што би го проширил влијанието на Балканот и во Европа. Мнозинскиот капитал од солунското пристаниште (со 67 отсто од акциите) го контролира фирмата „Белтера“, која е во сопственост на рускиот претприемач со грчко потекло Иван Савидис, кој минатата недела го презеде и уделот од германскиот инвеститор ДИЕП.
Пред осум месеци, американскиот амбасадор на САД во Грција, Џефри Пјат, по ненајавената посета во компанијата што управува со пристаништето во Солун (ОЛТ), се заблагодари на соработката при транспортот на американските воени сили и нагласи дека очекува „изградба на односи на транспарентност и соработка во областите од заеднички интерес“. Ова, како што забележува „Катимерини“, претставува израз на американското незадоволство со влегувањето на рускиот државјанин Савидис во сопственост на солунското пристаниште. Оваа компанија и други две американски фирми претендираат на пристаништето Александропулос и пристаништето Филип Втори во Кавала, на северот од Егејско Море.
За пристаништето во Игуменица интерес пројавиле и италијанската група „Грималди“, најголемата грчка бродска компанија „Атика груп“, други грчки бродосопственици и една германска компанија што дејствува на Јадранско Море.
Тендерите за Александропулос, Игуменица и пристаништето во Кавала се во фаза на предоценување на кандидатите, која треба да заврши до крајот на февруари. Целата постапка се очекува да заврши до крајот на годинава, со поднесување обврзувачки финансиски понуди, информираат од Фондот за инвестициски развој во Грција.
Грчката држава во врска со овие работи води стратегија што е диктирана од потребата за јакнење на меѓународните сојузи поради тензиите со Турција и поради ширењето на интересите во југоисточниот Медитеран, кој последната година е повод за несогласувања за искористувањето на енергетските потенцијали во овој дел од Средоземно Море. За тоа се и несогласувањата со кинеската фирма „Коско“, која инсистира да го прошири контејнерскиот бизнис во пристаништето Пиреа, на што се противат САД и земјите од Европската Унија.
Последната деценија грчките власти, додека траат програмите за приватизација на пристаништата, се под голем притисок од обврските што се преземени со потпишаните меморандуми со меѓународните доверители во текот на финансиската криза во земјата. На ова се надоврзуваат и големите инвестиции за надградба на инфраструктурата во пристаништата што се под контрола од државата.
Грчката влада во сите договори за концесија внела клаузула со која може да се повика на државниот интерес и јавната безбедност, за да му забрани пристап на кој било брод во кое било пристаниште ако за тоа одлучи самата. Во повеќето договори државата учествува со малцински пакет на акции или има договори со други акционери што ја ограничуваат можноста на инвеститорите во пристаништето самостојно да одлучуваат за важни деловни трансакции. Поради големото значење на пристаништата, тие се под постојано интересирање и на безбедносните и разузнавачките служби, пишува во текстот на „Катимерини“.