Србија со поволни услови за купување на станови и со добро платени работни места ќе се обиде да го спречи масовниот одлив на млади лица од земјата
Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави реализирање на нов четиригодишен инвестициски план за млади брачни парови, вреден 500 милиони евра. Намерата на овој проект е на младите да им овозможи да дојдат до евтини станови и да им овозможи работно место, кое ќе биде поплатено во секоја наредна година. Српскиот претседател се надева дека на овој начин ќе се спречи масовниот одлив на младите лица од земјата.
Министерката без ресор во Владата на Србија задолжена за демографија и популациска политика Славица Џукиќ Дејановиќ, во разговор за „Дојче веле“, вели дека решавањето на станбеното прашање на младите е многу важна пронаталитетна мерка и таа влијае и на управувањето на миграцијата.
– Според пописот од 2011 година, во Србија има околу 212.000 млади брачни парови. Во оваа категорија влегуваат заедниците во кои двата партнера имаат помалку од 35 години. Од нив, околу 38 отсто имале решено станбено прашање, а половина од младите парови живеат во заедница со родителите. Ова не е стимулативно за останување во земјата и за планирање на семејството. Предлагаме стимулативни мерки со кои младите, под поволни услови, ќе дојдат до својот стан – вели министерката Џукиќ Дејановиќ.
Владата во наредниот период појасно ќе ги дефинира критериумите за користењето на овие бенефиции. Но се очекува овој проект да има најголемо влијание кај младите лица што, сѐ уште, имаат дилеми дали да заминат на работа во странство.
– Некои од нив, уште во текот на студирањето, одлучиле да заминат од Србија. Истражувањата покажуваат дека една третина од факултетско образованите лица уште во текот на студиите планирале да ја напуштат земјата. Со овие мерки нема да влијаеме на одлуките на сите. Но за оние што не донеле одлука или за оние што заминале, а не се снашле најдобро во странство, сигурно овие бенефиции ќе бидат поттик да останат или да се вратат во земјата – вели министерката.
За економистот Данило Шуковиќ, обезбедувањето половина милијарда евра за овој проект, технички е можно, но прашање е колку тоа е рационален пристап.
– Не може да се лицитира со бројки и да се измислуваат суми од 500 милиони или 20 милијарди. Парите не доаѓаат од небо, зашто е јасно со кои средства располага државата и во тие рамки и треба да се движи. Затоа пропаднаа и сите претходни инвестициски планови, бидејќи не беа втемелени на реални основи – вели Шуковиќ.
Причината за заминувањето во странство не е што младите немаат стан, туку дали во Србија функционира правната држава, колку општеството е демократски поставено и клучното прашање е какви се можностите за подобар живот на граѓаните. Поради тоа, новиот проект е дел од дневната политичка приказна. Ефектите од него ќе бидат многу скромни, зашто на тој што сака да замине во странство не би му значеле попустите за да добие нешто поевтин стан, појаснува тој.
– Не е никаква утеха ако дома работите за десет пати помала плата од онаа во странство. Србија мора во подолг временски период да има стопански раст од над пет отсто, за да може значително да се одрази на стандардот на граѓаните. Тогаш би можело да се очекува дека ќе се намали одливот на луѓето од Србија – вели Шуковиќ.
Останува нејасно кои се тие добро платени работни места што може да ги понуди Владата на Србија? Работата во државниот сектор е со ограничени рамки, затоа што бројот на административците треба да се намалува. Проблем претставува и тоа што Србија има неразвиен приватен сектор, лош амбиент за стопанисување, без правна држава, со корупција, големи даноци и парафискални давачки. Србија не може да очекува некој значаен економски развој, а тоа е поврзано со нови работни места и перспектива младите да останат во земјата, заклучува Данило Шуковиќ, во разговор за „Дојче веле“.