Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, смета дека најавата на косовскиот премиер, Албин Курти, за укинување на таксите за стоката од Србија е трик.
– Курти еден ден пред моето патување во Вашингтон кажа дека ќе ги укине таксите за да нема време за разговор – искоментирал Вучиќ, објави Б92.
– Дали сам го смислил тоа или некој му помогнал – запрашал Вучиќ додавајќи дека специјалниот претставник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, е во право дека ова е само игра.
Тој рекол дека никој од државниот врв не рагирал на најавата на Курти за условното укинување на дел од таксите затоа што сакале правилно да проценат што сè е кажано.
Тој вели дека Косово ќе ги укине таксите на суровините поточно на пченицата затоа што е 20 евра по тон поевтина од Северна Македонија и дека тоа го бараат стопанствениците во Косово.
– А српските производи каде би можеле да направиме ние профит, не го интересираат. Ние ќе чекаме да ги укинат таксите, па тогаш ќе разговараме. До тогаш, трпение – рекол Вучиќ.
Курти синоќа објави дека од 15 март ќе почне постепено укинување на таксите на производите кои се увезуваат од Србија и од Босна и Херцеговина и дека прво ќе ги укине таксите за суровините, но под услов Србија да се обврзе дека ќе ја запре кампањата против признавање на независност на Косово.
Гренел изјави дека САД не поддржуваат делумно укинување на таксите.
– Нашата позиција е јасна: таксите треба да се укинат во целост. Курти прави сериозна грешка, тоа денеска јасно му беше дадено до знаење на претседателот Тачи во Белата куќа – напиша Гренел на Твитер.