Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е подготвен да ја отвори темата за РТС и дека се согласува на дијалог со граѓаните, но дека не сака разговор со некои опозициски политичари.
Вучиќ изјави дека опозицијата направила катастрофална грешка со немирите на протестите, кои, според него, се резултат на гнев, фрустрација, немоќ и недостиг на политичка програма на опозициските партии.
На конференција во Белград по повод 20-годишницата од нападите на НАТО врз на Југославија, Вучиќ порача дека на власт е дојден преку избори на демократски начин, а „не со внесување пили и упад во нечии простории“.
Вучиќ нагласи дека не бега од опозицијата, бидејќи, како што рече, совеста му е чиста бидејќи, за разлика од опозициските лидери, тој ништо не украл и не бил фашист.
– Ние веруваме дека е важно да има дијалог во Парламентот и за ваков вид разговори сме секогаш подготвени, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека немирите на протестите во саботата на 16-ти март, не се прашање за странските служби, туку за домашните.
Вучиќ оцени дека не очекува повторно да се случи насилство, но додаде дека сигурно ќе бидат казнети одговорните лица ако тоа се случи.
– Не очекувам насилството да се повтори, но ако се случи, тоа нема да мине неказнето – изјави Вучиќ, додавајќи дека на Обвинителството треба да му се постави прашањето дали во тие настани има елементи на кривичното дело и дека тој нема да се занимава со тоа.
Српскиот претседател изјави дека со бомбардирањето на Сојузна Република Југославија во 1999 година е „сменет суверенот на Косово и Метохија“, но со тоа не бил обезбеден мирот и демократскиот систем на тој простор.
Вучиќ, исто така, се заблагодари за доследната и активната поддршка на Русија во однос на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија во врска со Косово, како и за другите српски државни и национални интереси.