Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска изјави дека членовите на протестот „Еден од пет милиони“ кои синоќа насилно ја срушиле безбедносната ограда пред зградата на Претседателството, знаат дека го прекршиле законот, додавајќи дека ќе побара од обезбедувањето во иднина да ја отстрани оградата.
Тој порача дека очекува учесниците на протестите во иднина да не упаѓаат во зградата.
– Правете што ќе посакате, само не го кршете законот и немојте насилно. Ги повикувам сите луѓе, како од полицијата, така и од воената полиција и моето непосредно обезбедување, да им дозволат да ми пријдат, но не дозволувајте да предизвикаат крвопролевање и инциденти. Мора да го задржиме мирот во земјата, јас не сакам сцени како во Париз – рече српскиот претседател.
Синоќа во Белград се одржа 36. по ред протест на граѓаните „1 од 5 милиони“, на кој на крајот од протестот, пред Претседателството кое е официјално седиште на Александар Вучиќ дојде до инцидент, кога тричлена делегација се обиде да ја тргне оградата пред објектот за да го достави списокот со барања на демонстрантите.
Притоа дојде до туркање на демонстрантите со многубројното обезбедување во цивилна облека, кое го спречи тргањето на оградата, па еден од демонстрантите заврши во Ургентен центар.
Еден од организаторите на протестите, Срѓан Марковиќ, рече дека со обезбедувањето бил постигнат договор да се овозможи делегацијата да го остави списокот со барања за фер избори.
Меѓутоа, откако биле спречени во таквата намера, демонстрантите се обидле да ја отстранат оградата околу зградата на Претседателството.
Во исто време, дошло до реакција од страна на обезбедувањето и започнало меѓусебно туркање.
Марковиќ успеал да прескокне преку оградата и со списокот на барања во рацете се обидел да дотрча до влезот на зградата, но неколку членови на обезбедувањето го фатиле и со употреба на физичка сила го вратиле на другата страна од оградата.
На делегацијата на демонстрантие набрзо потоа и било дозволено да стигне до зградата на Претседателството и да го достави списокот со барања, документ во кој се содржани 42 точки кои претставуваат црвена линија без чија имплементација до 1 септември, нема да има избори.