Анкетите им даваат предност на парламентарните избори, а прогнозите се дека ќе победи главната опозициска партија Самоопределување, левичарско движење што го предводи Албин Курти
Жителите на Косово вчера излегоа на предвремени избори, каде што помладата генерација политичари би можеле да имаат корист од фрустрациите и заморот од сегашниот политички естаблишмент, прогнозираат меѓународните агенции и аналитичари. Новата генерација на косовски политичари гарантира дека ќе ја искорени корупцијата и со тоа ќе се обиде да ја отстрани старата политичка структура од власт. Поголемиот дел од 13-годишниот период од прогласувањето независност на Косово водеа поранешните борци, а земјата ја потресуваа политички преврати, економски неприлики и долготрајна борба за глобално признавање. Нивното влијание слабееше со јакнењето на општата фрустрација кај граѓаните поради сиромаштијата и корупцијата, објави АФП.
Некогаш славените јунаци во борбата за независност, членовите на косовската политичка елита денес се ликот на социјалните и економските проблеми што ги мачат 1,8 милион жители. На Косово просечната плата е околу 500 евра, а невработени се повеќе од 50 отсто од младите, наведува АФП.
Анкетите даваат предност на парламентарните избори, кои се одржаа вчера, да победи главната опозициска партија Самоопределување, левичарско движење што го предводи Албин Курти. Неговите шанси за апсолутна победа се зголемуваат со поддршката од привремената претседателка Вјоса Османи, по напуштањето на коалицијата со партијата од центарот на владејачката Демократската лига на Косово.
– Избирачкото тело не се согласува целосно со ставовите на Самоопределување, но сигурно бара смена на политичките елити – изјави Доника Емини, извршна директорка на платформата „ЦивиКос“.
Официјалната кампања за овие, осми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово почна на трети февруари, а за следење на изборниот процес се акредитирани околу 20 илјади набљудувачи, кои доаѓаат од политички субјекти, медиуми, амбасади, невладини организации и други организации. На годинешните општи избори учествуваат 28 политички субјекти и нема ниту еден независен кандидат. За 120-те места во косовскиот парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.
Овие вонредни парламентарни избори во Косово ќе се одржат откако во ноември минатата година Уставниот суд го оспори легитимитетот на Владата на Авдулах Хоти, затоа што за нејзиниот избор гласал еден пратеник што немал право да биде член на законодавниот дом поради правосилна казна со затвор во последните три години. Гласот на спорниот пратеник, кој беше од партиите на помалите етнички заедници, беше 61-от глас за кабинетот на Хоти, а со неговото поништување се изгуби и мнозинството за изгласување на Владата.