Двајца мигранти се повредени од огнено оружје на грчкиот остров Лезбос кога, според информациите, ги прекршиле строгите мерки за изолација воведени од грчките власти за борба против коронавирусот.
Според извори од кампот, тие сакале да излезат од него.
Двајцата мажи, Иранчанец и Авганистанец, синоќа се пријавиле во клиниката во бегалскиот камп „Морија“ со повреди од сачми, изјавиле за грчките медиуми извори во кампот, кои не прецизирале од каде било пукано на мигрантите.
Тие биле однесени во локална болница и нивната состојба не се смета за сериозна. На полицијата ѝ објасниле дека излегле од преполниот камп „Морија“, каде што во тешки услови живеат 18.300 луѓе, што е шестпати повеќе од капацитетот на кампот.
Вчера, стотици мигранти, претежно Африканци, излегоа на протести пред кампот барајќи да го напуштат островот за да се избегне ширење на вирусот за кој велат дека за нив би бил исто како смрт.