Доколку им се даде и најмала можност дури 70 отсто од младите би ја напуштиле Албанија и би заминале во некоја од земјите на Европската унија.
Овие алармантни показатели се дел од извештајот објавен од страна на Националната мрежа за млади на Албанија (ANYN) и CRCA Албанија,во пресрет на Светскиот ден на младите, 12 август.
Алтин Хазизај, претседател на CRCA вели дека оваа тенденција е во постојан раст и оти извештајот евидентирал дека младите на целата територија на земјата се соочуваат со недостиг на социјални и економски политики.
– Повеќе од загрижувачки е фактот дека над 70 отсто од младите сакаат да емигрираат во земјите на Европската унија. Албанските граѓани не гледаат перспектива во својата земја и својот живот и нивниот напредок го гледаат во друга земја – вели Хазизај
Една од главните причини што младите сакаат да заминат и ја гледаат својата иднина надвор од земјата е невработеноста. Последната студија на Светската органзација за труд ја подредува Албанија на прво место по нивото на невработеност на младите.
– Доколку го поврзиме ова со податоците на Светската организација за труд, ILO, каде се наведува дека 32 отсто од младите во Албанија се невработени, тогаш албанската влада потфлила кога станува збор за младите во Албанија – додава Хазизај.
По повод Светскиот ден на младите, CRCA и Националната мрежа за млади меѓу другото бараат од албанската влада да го реализира ветувањето за одвојување од буџетот посебен фонд за спроведување на планот на делување за млади.