Собранието на Србија ја почна процедурата за измена на пакет изборни закони со кои ќе се унапредат изборните услови пред парламентарните избори, најавени за напролет. Со предложените измени појасно се дефинира користењето на јавните ресурси и учеството на државните функционери во изборната кампања. Новите изборни правила се плод на долгомесечните дебати меѓу власта и опозицијата за создавање фер и демократски услови за слободно изјаснување на граѓаните. Сепак, дел од опозицијата во Србија смета дека овие измени се од козметичка природа и со намера да се „симулира“ демократијата во земјата, во пресрет на клучните одлуки што ќе следуваат идната година, а пред сѐ за конечното решение за Косово.
Министерот за државна управа и локална самоуправа, Бранко Ружиќ, изјави дека предложените четири закони се изработени според препораките на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и со Канцеларијата за демократија и човекови права (ОДИХР).
Пакетот измени на изборните закони се однесуваат на Законот за финансиска политичка активност, Законот за спречување на корупцијата, Законот за Агенцијата за борба против корупцијата и Законот за јавни претпријатија. Изборните правила се исти како и во 2008 и 2012 година, но министерот Ружиќ нагласи дека оваа влада е решена да ги исправи наследените слабости, кои се однесуваат на употребата на јавните ресурси во предизборниот натпревар и учеството на функционерите во кампањата за да можат сите учесници на изборите да имаат еднакви услови, а граѓаните да имаат доверлив и транспарентен изборен процес. Со измените се уредува финансирањето на политичката активност во текот на изборната кампања, употребата на јавните ресурси, обврските, забраните и ограничувањата на државните и јавните функционери и директори на јавни претпријатија, објави РТС.
Конкретните мерки се насочени кон целосно раздвојување на партиските и државните активности во текот на изборниот процес. На државните функционери ќе им биде забрането учеството на јавните собири да го користат за промоција на политичката партија, а особено за јавно претставување на изборната програма или повикување на гласачите да гласаат за нив, или да ги бојкотираат изборите.
Со новите законски измени се прошируваат причините за разрешување на директорот на јавните претпријатија доколку ги користи јавните ресурси за помош на политичките субјекти, или им врши притисок на вработените во врска со поддршката на некој кандидат.
Најзначајна улога во изборниот процес и кампања ќе има Агенцијата за борба против корупцијата, на која државните и локалните органи, кои ги финансирале политичките субјекти, ќе бидат должни во рок од три дена да ѝ ги достават евентуално бараните податоци, а агенцијата ќе мора да одлучи во рок од пет дена да донесе решение дали е повреден законот. Право да поведуваат постапка пред агенцијата имаат политичките партии, коалициите или група граѓани, кои се подносители на изборните листи, односно предлагачи на кандидатите за пратеници.
Пратеничката на Клубот на самостојни пратеници Соња Павловиќ, во изјава за „Данас“, рече дека не „верува во искрените намери на Владата на Србија“, кога станува збор за измената на изборното законодавство, за кои смета дека се „политички промени на законот“.
– Ова се политички измени на законите, кои се донесени по директива на Европската Унија за повторно да симулираме демократија поради претстојните избори – изјави таа.
Претседателот на Народната партија и претседавач на опозицискиот блок Сојуз за Србија, Вук Јеремиќ, најави дека следната година ќе биде пресудна и доколку се истрае на одлуката за бојкот, во 2020 г. двапати ќе има парламентарни избори, лажни напролет и вистински во зима.
– Во неделите што следуваат ќе има голем притисок да се смени нашата одлука за бојкотот на лажните избори напролет. Ако истраеме во нашата намера, ќе настанат нови околности и ќе стане јасно дека режимот нема легитимитет. Надворешната и внатрешната состојба ќе бидат такви што ќе нема друга алтернатива, освен одржување вистински избори – вели Јеремиќ.