Судскиот совет на Специјалниот суд во Белград осуди четири поранешни припадници на Државната безбедност (ДБ) на вкупно 100 години затвор за убиството на новинарот Славко Ќурувија. Судот, исто така, утврди дека директен сторител на убиството е Н.Н. личност.
Пресудата за убиството на Славко Ќурувија е прва пресуда за убиство на новинар во Србија. Таа е донесена по 20 години од убиството на Ќурувија. Убиствата на Дада Вујашиновиќ и Милан Пантиќ сé уште не се разјаснети.
Поранешниот шеф на ДБ Радомир Марковиќ осуден е на 30 години затвор за поттикнување на тешко убиство.
Поранешниот шеф на белградскиот центар на ДБ, Милан Радоњиќ, исто така е осуден на 30 години затвор за тешко убиство во соизвршувањето.
Поранешните членови на ДБ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак, осудени се на по 20 години затвор за тешко убиство во соизвршувањето. Курак е во бегство и неговата казна е изречена во отсуство.
Во образложението на пресудата се наведува дека Радомир Марковиќ го планирал убиството и му ги пренел деталите на Радоњиќ, кој ги ангажирал Курак и Ромиќ да го извршат убиството.
Како што се наведува во пресудата, Радоњиќ два дена пред убиството дал усна наредба за следење на Ќурувија, а потоа, од минута во минута да му ги пренесуваат информациите за движењето на Ќурувија.
Во образложението на пресудата, исто така е наведено дека Ромиќ, преку радио-контакт, ги слушал информациите за движењето на Ќурувија, што му овозможило заедно со Курак непосредно да го извршат делото.
За време на судењето, заменик-обвинителот за организиран криминал Миленко Мандиќ, предложи максимални затворски казни од 40 години, наведувајќи дека Ќурувија маченички е убиен во неговата борба за вистина и подобра иднина.
Ќурувија немал шанса да преживее, рече Мандиќ, наведувајќи дека тогашната власт на Слободан Милошевиќ го сметала за опасен противник.
Одбраната на обвинетите, побара ослободувачка пресуда, оценувајќи дека Обвинителството не докажало дека се виновни, со тврдењето дека обвинението е „плод на имагинацијата”.
Обвинението беше покренато по сведочењето во истрагата на Милорад Улемек Легија, поранешен командант на единицата за специјални операции. Легија е на издржување на максимална казна затвор, бидејќи е осуден во истите предмети како и Радомир Марковиќ, но и за убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ и злосторства извршени од страна на Земунскиот клан.
Ќурувија е убиен на 11 април 1999 година, пред влезот во зградата каде што живеел.
Ќурувија важел за еден од најдобрите новинари, основач е на првиот приватен дневен весник во Србија „Дневни телеграф“ во 1996 година. Две години подоцна, тој го покренува и магазинот „Европјанин“, кој беше критички настроен против режимот на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ.