Ако порано главната причина за иселување на луѓето беше неможноста да се најде слободно работно место, а уште помалку и добро платено, сега како фактори за заминување во странство се наведуваат и отсуството на визија на политичките елити во земјите од Балканот и раширената корупција
„Не сакам да одам на одмор на рати и да барам врски за да одам на лекар“. Ова е изјава на една млада Србинка, која со една реченица ги објасни причините зошто се одлучила повторно да замине на работа во странство. Таа е една од стотината илјади млади лица од земјите од Балканот зафатени од новиот бран на иселување што се случува по заживувањето на економиите во Западна Европа и завршувањето на ковид-кризата. Конкуренцијата за работници во Европа станува сѐ поостра, но иако има слободни работни места и во земјите во регионот (претежно во туристичкиот и градежниот сектор), луѓето сѐ полесно се одлучуваат да заминат. Состојбата е иста во сите земји од опкружувањето, но ако порано главната причина за иселување беше неможноста да се најде слободно работно место, а уште помалку и добро платено, сега како фактори за заминување се и политичките услови во нивните матични земји.
Според Миљана Рељиќ, од невладината организација на младински активизам, која подолго време ги следи процесите на иселување од Србија, за заминувањето на младите не е пресудно само барањето работа.
– Има и други фактори што влијаат на големиот бран на иселување на младите, а кои не можат да се остварат поради општите политички услови во земјата. Подобриот живот и достоинствен живот остануваат два основни фактори за иселувањето на младите во Европа и САД – вели Рељиќ за „Ал џезира“.
Најмалку млади има во градовите на југот на Србија, а единствен град во кој има зголемен прилив на жители е Белград. Демографските експерти ова го поврзуваат со нерамномерната развиеност на подрачјата во земјата. Колку населените места се пооддалечени од централните сообраќајни коридори, толку бројот на населението е помал со текот на годините. Младите сакаат урбани средини, а на локално ниво тоа се одразува така што поголема е населеноста во централните градски јадра, предупредуваат географите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ проблемот за намалување на населението во земјата го гледа во тоа што има се помалку новородени деца.
– Најмногу деца има во местата каде што живеат богати луѓе, а повеќе деца во посиромашните краеви. Вложувањето на државата и стандардот на луѓето се обратнопропорционални од желбата на луѓето да основаат семејство. Ако има успешно решение да се реши овој проблем, ние ќе го направиме тоа – изјави Вучиќ.
Според Тадо Јуриќ, доцент на Хрватскиот католички универзитет, повеќегодишниот бран на иселување од Хрватска е поврзана со корупцијата во земјата. Две третини од испитаниците во спроведеното истражување одговориле дека знаат за случаи на други компании што се користат со подмитување на локално или национално ниво.
– Во претходните студии докажавме дека луѓето се иселуваат поради корупцијата, но сега се покажа дека корупцијата расте со иселувањето. Како што заминуваат критичарите, на критикуваните им е полесно. Заминуваат тие што сакаат промени. Во исто време се намалува и бројот на невработени. Така, на политичарите им одговара да има иселување – нагласува Јуриќ во разговорот за „Дојче веле“.
Во неговата студија се заклучува дека иселувањето е главно кај припадниците од хрватската националност, со што на некој начин се негира тезата дека од Хрватска наводно се иселуваат припадниците на другите националности. Во Хрватска нема прецизни податоци за бројот на иселените лица, од причина што државната статистика се потпира на бројот на луѓето што се одјавиле со престојувалиштето во татковината. Поради ова, податоците на германските и хрватските органи се разликуваат на годишно ниво од 20 до 80 отсто.
– Хрватите, особено младата генерација, почнуваат да го доживуваат хрватскиот национален идентитет како измама со која политичката каста манипулира за да се збогатува и да се одржи на поволните позиции. Корупцијата секогаш значи дека богатите се побогати, а сиромашните стануваат уште посиромашни. Ситната граѓанска корупција во Хрватска е намалена, но се зголемува елитната корупција. Последица од високата корупција е исчезнување на чувството за заедништвото и солидарност, а кои треба да бидат основа на секое општество. Мнозинството хрватски граѓани не сакаат да се збогатат прекуноќ, туку сакаат мирен и сигурен живот, да може да работат и да го прехрануваат семејството. Корупцијата ја има и во Германија, но таму граѓаните не осиромашуваат. Во Хрватска корупцијата доведува и до иселување на работниците – вели Јуриќ за „Дојче веле“.
Во студијата на која работел тој се осврнува на однесувањето на хрватската елита од 1990-тите години и наместо да се насочи кон модернизација на општеството, таа се фокусирала на идеолошките судири, што е нов фактор за иселување од земјата.
– Од една страна е структурниот песимизам, а од друга страна е Германија, од која се испраќа порака дека е атрактивна и која нуди можност за лично напредување. Младиот човек сигурно ќе го избере лажниот сјај на Германија – забележува Јуриќ
Според него, подобрувањето на условите на живот за младите лица од периферијата на Хрватска и на Европската Унија е можно со некаков вид обесштетување од развиените западни земји, за преземањето на образованата и квалификувана работна сила. Процените се дека Хрватска во образованието на една млада личност вложува од 50 до 150 илјади евра, од тоа произлегува дека само на Германија ѝ се „подарени“ 18 милијарди евра од хрватското осиромашено стопанство.