Присуството на учениците на настава е неизвесно во земјите од Западен Балкан, а тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба, но и од зголемувањето на бројот на вакцинирани лица кај наставниот кадар и родителите, како и на децата од 12 до 15 години
Почетокот на новата учебна година со присуство на децата на настава во земјите од Западен Балкан е неизвесно, поради влошување на епидемиолошката слика во август, во кој има зголемување на бројот на новозаболени лица од коронавирусот. Властите во земјите од регионот сѐ уште ги немаат дефинирано здравствените протоколи за одржувањето настава во училиштата, а годинава има и многу нејаснотии околу тоа дали наставниот кадар треба да биде вакциниран или не. Бројот на наставници што не ја примиле првата доза од вакцината против ковид-19 е голем, а проблемот се усложнува и поради отпорот на мнозинството возрасно население за задолжителната имунизација. Со ова, ризикот за децата да бидат заразени во текот на наставниот процес или при доаѓањето и враќањето од училиштата е поголем.
Засега, можностите за продолжување на онлајн наставата и за посетување на училиштата се еднакви. Националните министерства за образование немаат донесено конечна одлука за начинот на одвивање на новата учебна година. На 10 август црногорското министерство за образование, наука, култура и спорт предложи училишната година да почне на 1 септември со присуство на децата во училниците и со вообичаено траење на училишниот час од 45 минути, доколку епидемиолошката состојба биде поволна. Конечната одлука треба да ја даде Институтот за јавно здравје во наредниот период. Од институтот препорачуваат вработените во образованието, како и родителите на децата што посетуваат настава, да се вакцинираат, информира Радио Слободна Европа.
Како ќе се одвива наставата не се знае ни во Босна и Херцеговина, како и во Косово. Очекувањата на косовските образовни власти се дека учениците ќе се вратат во школските клупи, бидејќи, како што изјави ресорната министерка Арберие Нагавци, досегашните студии за комбинираниот модел на настава – онлајн и физичко присуство, не покажале добри резултати. Во Косово се вакцинирани околу 50 отсто од наставниот кадар, но се повикуваат и другите да го направат тоа до почетокот на учебната година.
– Ги преземаме сите мерки училишната година да почне со физичко присуство на учениците – изјави Нагавци, на шести август годинава.
Нејаснотии околу начинот на одвивањето на наставата има и во Србија, која се соочува со висок дневен пораст на заболени во овој месец. Од српското министерство за образование најавија дека наскоро ќе му го достават моделот на настава на Кризниот штаб за борба против пандемијата, направен врз основа на анализата за ризикот за здравјето на децата и вработените во образовниот систем.
Родителите со кои разговараше РСЕ, како најслаби точки при минатогодишната примена на онлајн наставата ги наведуваат потребата од социјализација, особено за децата од пониските одделенија, неможноста за следење на практичната настава за средношколските ученици, како и недоволната посветеност на наставниците за послабите ученици. Како проблем се наведува и нереалното оценување на учениците врз основа на нивните вистински познавања на наставниот материјал. Поделбата на децата наизменично да посетуваат настава и онлајн предавања, исто така, се покажало како неприменливо, бидејќи децата по еднонеделната настава во училиште, се однесуваат како да се на распуст и помалку посветуваат време на лекциите што им се предаваат онлајн, велат родителите.
Јасна Јанковиќ, претседателка на Унијата на синдикати на просветните работници во Србија, вели дека предоцна се почнало со подготовките за новата учебна година и предлага да се прифати нивното барање за намалување на бројот на учениците во едно одделение што физички ќе посетуваат настава.
– Да имавме помали одделенија, децата сега ќе беа заедно. Можеби требаше да се скрати школскиот час на 30 минути – вели Јанковиќ.
Министерот за образование Бранко Ружиќ изјави дека моделот на наставата најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба во државата, која во голем дел зависи и од бројот на вакцинирани граѓани. Тој ги повика родителите да се информираат за можноста за вакцинација на учениците над 12 години. Од Кризниот штаб на Србија издадоа препораки за вакцинација на децата од 12 до 15 години со вакцината на американско-германскиот производител „Фајзер-Бионтек“.
Од Светската здравствена организација на втори јули препорачаа во училиштата да се прават ПЦР или антигенски тестови, за да се избегне онлајн наставата во случај на есенскиот бран на коронавирусот. ОД СЗО сметаат дека затворањето на училиштата треба да биде крајна мерка во случај на екстремно зголемување на бројот на новозаразени или ако заразата не може да се контролира со други мерки.
– Летните месеци им даваат можност на владите да воведат пакет прописи што ќе влијаат на намалување на стапката на заболени и да избегнат затворање на училиштата – порача директорот на европскиот разгранок на СЗО, Ханс Клуге, пренесе Радио Слободна Европа.