За експертите, Бугарија стана „земја случај“, која преставува и социјална бомба и внатрешен проблем за европската заедница, а нејзината најсиромашна членка во иднина ќе претставува поголем проблем за соседите и за ЕУ во целина
Бугарија се наоѓа во длабока политичка криза, која, покрај политичката димензија, има и социјално-економска, со елементи на рецесија, финансиска нестабилност, висок степен на криминал и корупција, криза на политичкиот систем и институционална неефикасност, која се манифестира со заробување на институциите на државата од страна на владејачкиот режим. Бугарија е најсиромашната земја во Европската Унија, а е на прво место поред воените трошоци, пишува во анализата на меѓународниот институт ИФИМЕС, со наслов „Бугарија 2020: Бугарија своите проблеми ги извезува во Македонија“.
Бугарија незаслужено во 2007 година стана членка на ЕУ и на НАТО (во 2004 година), благодарение на интервенцијата и притисокот на САД врз ЕУ. Бугарските политички структури веднаш тргнаа во „ограбување“ на европските фондови. ЕУ не посвети доволно внимание и контрола на (зло)употребата на средствата на Унијата. Пандемијата на ковид-19 дополнително ја влоши постојната криза и ги покажа сите аномалии на актуелната власт.
Претседателот на бугарската влада Бојко Борисов го искористи членството на својата партија ГЕРБ во рамките на Европската народна партија да изгради силни односи со германската канцеларка Ангела Меркел и во јавноста се создаде перцепција дека зад политичкото (криминално-мафијашко) дејствување стои лично германската канцеларка. Борисов отворено изјави дека неговата партија е создадена со финансиска и советничка поддршка од германските десничарски фондации.
Во Бугарија во март 2021 година се одржуваат редовни парламентарни избори, во услови на длабоки политички поделби меѓу власта и опозицијата, која организира повеќемесечни протести против корупцијата во власта. Актуелен е судирот меѓу премиерот Борисов и претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој изјави дека „мафијата го контролира владата на Борисов и политизираното судство во земјата“.
Во вакви околности, бугарските власти своите многубројни внатрешнополитички проблеми почнуваат да ги изнесуваат во соседната Македонија, иако двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедски односи и стратегиско партнерство. Бугарија неодамна на членките на ЕУ им достави меморандум со кој се оспоруваат македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет, забележува ИФИМЕС.
Аналитичарите сметаат дека ЕУ, во прв ред Германија, мора да го спречи бугарскиот пристап на „изживување“ над Македонија и Македонците, затоа што секоја ескалација на напнатоста може да доведе до конфликт и да поттикне нови кризи на Балканот. Авторитарното водење на државата, кое десет години го симболизира бугарскиот премиер Бојко Борисов, е пречка за просперитет на државата. За експертите, Бугарија стана „земја случај“, која претставува и социјална бомба и внатрешен проблем на ЕУ, која во иднина ќе претставува поголем проблем за соседите и за ЕУ во целина. Бугарија две децении во Косово доделува државјанства и пасоши што наводно имаат бугарски корени. Бугарија подготвува слично сценарио и кон Србија со отворање некои нови прашања и теми.
Бугарија е исклучително поларизирано друштво, кое речиси нема допирни точки со европските вредности на кои се заснова и кои ги промовира ЕУ и ќе создава слика во европската јавност дека Бугарија залутала во ЕУ. Бугарија стана европски центар за „сертифицирање“ на мафијата и криминалот и симбол на корупцијата. Дел од тоа е и неодамнешната политичка корупција со „купувањето“ осум опозициски пратеници, пратеници од Бугарската социјалистичка парија, од страна на владејачкиот режим, односно ГЕРБ.
Актуелната бугарска власт сака да го „сертифицира“ идентитетот на Македонците и македонскиот јазик, а во 21 век незамисливо е Бугарија, која е членка на ЕУ и на НАТО, да ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот народ – Македонците. Србите и Црногорците, кои се етнички меѓусебно поблиски, според идентитетот и јазикот, отколку што се Бугарите и Македонците, едни на други не си ги оспоруваат етничката припадност, националниот идентитет и јазикот. Аналитичарите сметаат дека Бугарија не може и не смее да биде т.н. центар за сертификација на идентитетот на Македонците и македонскиот јазик.
Барањето на Бугарија да се откаже Македонија од постоењето на етничките Македонци што живеат во Бугарија претставува „врв на ледениот брег“, поради тоа што Бугарија прикрива и врши силен притисок етничките Македонци во Бугарија да се изјаснуваат како Бугари. Според процените, бројот на етничките Македонци што живеат во Бугарија се движи околу 10 отсто од вкупното население во Бугарија. Бугарија има повеќедецениско искуство со прикривање на бројот на етничките малцинства, а тоа се однесува и на Турците, кои се под присилна асимилација со промена на идентитетот, односно на имињата и презимињата, да се изјаснуваат како етнички Бугари, се посочува во анализата на ИФИМЕС, пред да стави Бугарија вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.