По три децении од распадот на Југославија сѐ уште не е утврдено колкав е заедничкиот имот на поранешната заедничка држава, а сѐ уште трае процесот на поделба на недвижниот имот и движниот имот меѓу новите држави што произлегоа од поранешната федерација
Хрватска повела судски спор против Србија за да заштити од продажба два стана во Лондон, вила во албанскиот град Драч и земјиште во Тирана, кои се предмет на поделба на заедничкиот имот од поранешна Југославија. Според Договорот за сукцесија меѓу државите што произлегоа од поранешна СФРЈ, сите недвижности во странство мораат да бидат пријавени заради поделба меѓу шесте држави наследнички. Хрватските власти се жалат на „некооперативноста“ на Србија за спроведување на рамноправната поделба на југословенскиот имот, кој се состоеше од недвижности, уметнички предмети и финансиски средства, кои биле на сметките на мешаните банки на поранешна Југославија. Во времето по нејзиното распаѓање, на заедничката девизна сметка имало 645,55 милиони американски долари, а според договорените правила, на Хрватска ѝ припаѓале 23 отсто, односно 148,5 милиони долари. Но при разговорите за поделба на парите од Србија дошло известувањето дека на сметката имало само 56 милиони долари. По истрагата што ја поведе хрватската страна, било откриено дека дел од заедничките средства биле користени за исплата на странските долговите на српските претпријатија, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“.
Во објаснувањата наведени во писмото од Народната банка на СРЈ се кажува дека нема информации за тоа кој давал налози за исплатите од заедничката девизна каса и дека документите биле уништени за време на бомбардирањето на Србија. Во меѓувреме, Хрватска, заедно со Словенија, поведе постапка против Англо-Југослав банк, на која имало 35 милиони фунти, а Србија тврдеше дека во оваа банка имало само три милиони фунти.
Становите што ги користеле воените аташеи од поранешната држава, Хрватска ги пронајде по сопствени канали, и сега инсистира тие да влезат во распределбата на заедничкиот имот според анекс А од договорот за сукцесија. Со овој дел се регулира поранешниот воен имот само во поранешната Југославија, но не и во странство.
Спогодбата за прашањата за сукцесијата беше склучена меѓу државите-наследнички на СФРЈ во Виена на 29.7.2001 година и ратификувана од Собранието на Република Македонија на 30.1.2002 год. Во медиумите во земјите од поранешната југословенска заедница, ќе се објави повремено понекој текст, за потоа процесот на поделба на имотот да се одвива зад затворени врати и подалеку од јавноста. Пред две години, беше откриен скриен имот, како во случајот со „становите во Лондон“, и тогаш од Министерството за надворешни работи на Македонија, за нашиот весник изјавија дека спроведувањето на договорот за сукцесија е во најнапредна фаза во делот од поделба на дипломатските претставништва, односно со анексот Б, кој е во најнапредна фаза на извршување. Тоа значи дека повеќе од половина од дипломатско-конзуларниот имот на СФРЈ веќе е распределен меѓу државите-наследнички. Република Македонија доби имоти во Париз, Рим, Атина, Цирих, Канбера и финансиски средства од продажбата на резиденцијата на СФРЈ во Њујорк, а во понатамошната распределба очекува да ѝ припаднат и други имоти, вклучувајќи и финансиски средства од заеднички продажби на имоти, договорени меѓу државите-наследнички.
Во анексот А се утврдува и правна рамка за распределбата на материјалниот движен воен имот на СФРЈ, вклучувајќи ги и движниот и недвижниот имот на поранешната ЈНА користен за цивилни потреби – објаснија од МНР. Поголеми недоразбирања меѓу поранешните братски републики има и околу поделбата на финансискиот имот на СФРЈ.
По три децении од распадот на Југославија сѐ уште не се целосно решени предметите за враќање на имотите на стопанските субјекти. Во овој дел има реакции од сите земји, од каде што одредни правни субјекти бараат да им се врати имотот што го поседувале во другите поранешни републики. Во разговорите на мешаната комисија за сукцесија било договорено овие прашања да се решаваат преку билатерални договори за имотноправните односи. Хрватска вакви договори има потпишано со Македонија и со Словенија и меѓу нив веќе е завршена постапката за враќање. Меѓу односите со другите земји постојат низа отворени прашања за нерешени имотни односи за претпријатијата.
Од ратификацијата на Договорот за сукцесија од 123 недвижности што биле во сопственост на СФРЈ, до 2019 година биле распределени 85. На Србија ѝ припаднале 36 објекти, а на сите други сукцесори 49. Од вкупната номинална вредност на објектите на Србија ѝ припаѓаат 39,5 отсто, на Босна и Херцеговина 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Македонија осум отсто и на Словенија 14 отсто.
Како основен критериум за поделба на југословенскиот имот се користеше процентуалното учество на поранешните републики во создавањето на БДП на СФРЈ. Истиот критериум се користеше и при поделба на заедничкиот долг кон странство. Поранешните југословенски републики сѐ уште ги исплаќаат кредитите од времето на СФРЈ.