Новиот закон со реформи во социјалното осигурување, кој предвидува атрактивен реципрочен систем што обезбедува посебна грижа за семејствата со повеќе деца, за младите, за вработените мајки, за земјоделците, за пензиите на вдовците, како и за лицата со посебни потреби, ќе биде доставен во грчкиот парламент.
Министерот за труд и социјални работи Јанис Вруцис, за грчката новинска агенција АНА-МПА, изјави дека не е предвидено намалување на пензиите, „туку, напротив, еден дел од пензионерите ќе добијат покачувања“.
– Најфаворизирани се денешните и идните работници, бидејќи сите ќе видат зголемувања на нивните пензии, доколку имаат над 30 години работен век – вели Вруцис.
Тој објаснува дека станува збор за прв закон за социјално осигурување во историјата што е придружен со експертска студија за пензиите, потврдувајќи ја одржливоста на осигурителниот систем до 2070 година. Додава дека е прв закон по 12 години што не содржи никакво намалување на пензиите.
Од синдикатот на вработени во јавниот сектор (АДЕДИ) велат дека новиот закон не е ништо друго туку „продолжување на меморандумските закони од периодот 2010-2019“ и за денеска закажаа 24-часовен генерален штрајк.
Во штрајкот ќе учествуваат и вработените во јавниот превоз во Атина, со што грчката престолнина ќе биде без автобуси, тролејбуси, трамвај и метро.
Од синдикатот велат дека новиот закон не содржи одредени измени во старосната граница за пензионирање, односно дека се задржува границата од 67 години или 62 со 40-годишен стаж. Меѓу другото, бараат враќање на 13-та и 14-та плата и државна гаранција за сите пензии, пренесе МИА.