Академијатa на науките и уметностите на Босна и Херцеговина неодaмна објави студија за емиграцијата, со која се посочува дека како единствен релевантен податок за заминувањето на луѓето, наместо сегашните процени, може да се користат податоците за бројот на издадени дозволи за престој. Во 32 земји на Европа оваа дозвола во 2018 година ja добиле над 54 илјади лица од БиХ. За десет години се издадени повеќе од 228 илјади дозволи, и тоа најмногу за Германија, Хрватска, Словенија и за Австрија.
Уредникот на оваа студија, академик Мурис Чичиќ, за Радио Слободна Европа, изјави дека истражувањето настанало поради желбатa академијата да се вклучи во најактуелните проблеми, затоа што за миграцијата од БиХ се зборува сензационалистички и без проверени податоци.
Мотивите за иселувањето се економски и политички и, генерално, отсуство на перспектива кај луѓето, вели Мелика Хусиќ-Мехмедовиќ, една од авторите на студијата, која е од Економскиот факултет на Универзитетот во Сараево.
Таа нагласува дека е тешко да се процени бројот на луѓето што заминале од БиХ, затоа што емиграциската статистика е најслабиот дел од економската статистика.
– Тешко е да се конкретизираат податоците и иселувањето да се сведе на една бројка.
Правевме повеќе истражувања за да дојдеме до подоверливи бројки за отселените, а користени се податоците од европската статистичка организација Евростат – вели Хусиќ-Мехмедовиќ.
Сепак, трендот за иселување продолжува. Главно заминуваат младите, што повеќекратно се одразува на популациската политика, затоа што се иселува работна сила што е во најпродуктивните години. Најмобилна категорија се лицата на возраст меѓу 20 и 30 години, а зафатени се сите кантони и делови на Република Српска. Поради ова, во БиХ преовладува населението од третата животна возраст, во споредба со децата помлади од 15 години.
Професорот Аднан Ефендиќ од Економскиот факултет на Универзитетот во Сараево смета дека БиХ се соочува со демографско стареење.
– Земјата од 2002 година влезе во замката на најнизок фертилитет и стигна до црвената линија, во просек од 1,3 дете по семејство. БиХ веќе сега инклинира на моделот „едно семејство – едно дете“. Познат е антинаталниот амбиент во кој живееме – одложување на раѓањето на првото и обично едно дете – вели Ефендиќ.
Со намалувањето на бројот на населението во прашање се доведуваат одржувањето на пензиските фондови и здравствениот систем, поради нарушување на соодносот меѓу работно активното и неактивното население.
Анкетираните лица како најчеста причини за иселувањето ја наведуваат општата несигурност (38 отсто), додека 49 отсто од граѓаните своето евентуално заминување го поврзуваат со работа и подобра плата. Меѓу причините се и невработеноста, непотизмот, корупцијата, животниот стандард, непочитувањето на законите. Само 0,4 отсто одговориле дека немаат никакви проблеми.