На изборот за мандатар мораат да гласаат најмалку два члена на Претседателството на БиХ и во такви околности нема никакви изгледи да биде избран кандидатот предложен од Милорад Додик

Тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина сѐ уште не може да постигне согласност за изборот на новиот мандатар за формирање на централната извршна власт. Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, во понеделникот изјави дека е јасно дека новиот претседател на Советот на министри на БиХ ќе биде од редот на српскиот народ и ќе биде предложен од партијата на Милорад Додик, Сојуз на независните социјалдемократи. Оваа личност не смее да го кочи приближувањето на БиХ во за членство во НАТО затоа што е од порано дефинирано со надворешнополитичкото определување на државата, пренесува „Хина“.

Претседателот на Претседателството, Милорад Додик, порано најави дека негов кандидат за претседател на Советот на министри ќе биде Зоран Тегелтија, поранешен министер во Владата на Република Српска. Тој нагласи дека секој функционер од редовите на босанските Срби, ќе мора да ја почитува резолуцијата на народното собрание на РС од 2017 година, која промовира воена неутралност на овој ентитет што претставува и пречка за членство на БиХ во НАТО.

Хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, минатата недела изјави дека нема да го даде својот глас за Тегелтија, додека тој не се изјасни за прашањето за зачленување во НАТО, односно додека не потврди дека ќе работи на активирање на МАП и приближувањето на БиХ во воената алијанса.

За изборот на мандатар мораат да гласаат најмалку два члена на Претседателството на БиХ и во такви околности нема никакви изгледи да биде избран кандидатот предложен од Додик. Тој, пак, одлучно најави дека ќе инсистира на именувањето на Тегелтија и предупреди дека нема да ја закажува седницата на државниот врв, ниту ќе расправа за други прашања, додека не биде именуван новиот претседател на Советот на министри на БиХ.

Претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ, во понеделникот оцени дека новонастанатата состојба е доказ дека Босна и Херцеговина се наоѓа во блокада.
– Јасно е кои се победниците и кој може да формира парламентарно мнозинство. Тоа е доказ дека БиХ е замрзната и вкочанета земја. Местото претседател на Советот на министри му припаѓа на СНСД. Седницата што е закажана на Советот на министри нема ни авторитет, ни кредибилитет – вели Цвијановиќ.

Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Џаферовиќ, го предупреди Додик дека треба да ги почитува законите и да се одржуваат седници на тричленото претседателство.

Членството на БиХ во НАТО е цел што е утврдена со Законот за одбрана, со одлуките на Претседателство на БиХ од 2009 година и со стратегијата на надворешната политика на државата, која ја усвои државниот врв во претходниот состав. На ова се противат властите на РС, кои промовираат поцврсто врзување за Србија и за Русија.

САД им даваат силна поддршка на БиХ на патот кон НАТО, а американскиот државен секретар, Мајк Помпео, со писмо до членовите на Претседателството на БиХ повика на овој план да се направат исчекори и што поскоро да се активираат документите МАП, односно АНП.

Претседателството на Хрватската демократска заедница за БиХ на последниот состанок во Мостар го потврди ставот дека без оваа партија не ќе може да се конституира власта на кое било ниво во БиХ.