Политичките директори на моќните европски земји во САД ја дефинираат конечната понуда за спорот меѓу Србија и Косово
Претставниците на САД, Германија, Италија, Франција и на Велика Британија во Вашингтон водат консултации за последната фаза од преговорите меѓу Белград и Приштина, која треба да заврши со спогодба за нормализација на односите. Овој документ би требало да биде потпишан најдоцна за една година, пишува белградски „Блиц“.
За познавачите на околностите ова е јасен сигнал дека се приближува денот Д за кога се подготвува да биде објавена конечната понуда за спорот меѓу Србија и Косово. На овие консултации се присутни политичките директори на европските земји задолжени за Балканот, додека американската страна е претставена од функционер од Стејт департментот.
Аналитичарот Душан Јањиќ и добар познавач на косовската проблематика, вели дека овие разговори не се однесуваат само на Косово, но тие имаат посебно значење затоа што дијалогот влегува во завршна фаза.
– Претставниците на најмоќните западни земји ќе утврдат заеднички став околу границите во кои ќе се водат овие разговори. Сигурен сум дека овие држави нема да прифатат поделба на Косово, за што често се говори во јавноста. Индикативно е тоа што разговорите се водат во Вашингтон, а тоа ретко се случувало. Можеби САД ќе имаат поголемо учество во идните преговори, а се разговара и за форматот на дијалогот меѓу Белград и Приштина и секако за рокот за нивно завршување – вели Јањиќ за „Блиц“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ последните месеци оствари средби со европските државници. За една недела тој се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, турскиот претседател Реџеп Ердоган и со рускиот претседател Владимир Путин. На сите средби главната тема беше Косово. Српскиот претседател и на средбите во САД барал да се има разбирање и за барањата на српската страна.
Преговарачите од Косово се во покомотна позиција, поради огромната поддршка која ја имаат од западот. Нивната платформа за финализирање на договорот со Белград е одбиена во Одборот за надворешна политика во косовското собрание, затоа што е неприфатливо разговорите со Белград да ги води претседателот Хашим Тачи, пишува „Блиц“.