Еди Рама меѓу барањата на Приштина и иницијативата за мини-шенген

Србија не придава големо внимание на најновата изјава од претседателот на Косово, Хашим Тачи, чија изјава би требало и да се протолкува како личен обид да ја подобри својата позиција по новото парламентарно прегрупирање и најавениот избор на новата влада

КОСОВСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЈА РЕАФИРМИРА ГОЛЕМОАЛБАНСКАТА ИДЕЈА

До официјална Тирана повторно пристигна барањето на косовските политичари за укинувањето на границите меѓу Албанија и Косово. Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изминатава недела го повика албанскиот премиер Еди Рама да потпише „меѓудржавен“ договор за отстранување на границата и царината меѓу двете земји. Тачи кажа дека Косово е подготвено да го стори тоа, наведувајќи дека Албанците од двете страни на границата се „браќа и иста нација“.

– Потврдувам во име на институциите на Косово дека Косово веќе е подготвено да донесе одлука за отстранување на границата, царината и која било друга бариера во однос на Албанија. Од денес не би имало какви било бариери меѓу двете држави. Го повикувам мојот пријател Еди Рама да донесе таква одлука, јас подготвено ја чекам – изјави Тачи.

Тој го повика албанскиот премиер да ги определи денот и датумот за отстранување на границата и другите бариери и да не чека мислење на ниедна соседна земја, пренесе „Косово онлајн“. Тачи, со недипломатски речник објасни дека Србија нема зошто да се меша во односите меѓу Косово и Албанија.
– Границата е на Мердаре, а не на Врбинци. На Врбинци е косовско-албанската граница. Нема да дозволиме Србија да се меша. Ниедна регионална иницијатива не може да расправа за тоа, ако Косово не е присутно – порача Тачи.
За македонскиот универзитетски професор во областа на мир и развој, Оливер Андонов, не е за изненадување тоа што го заговара Хашим Тачи.

– Ова реафирмирање на идејата за укинување на границите меѓу двете земји е дел од остварувањето на внатрешнополитичките цели во Косово. Знаете дека таму има проблеми при конституирањето на новата извршна власт. По изборот на Албин Курти за премиер, Хашим Тачи се соочува и со судски процеси. Воопшто не треба да се занемари континуитетот во албанската политика за реализирање на големоалбанската идеја. Но во овој случај тоа не е првенствено значење. Со заминувањето од претседателската функција, Хашим Тачи ја губи и контролата над економските ресурси и својата политичка моќ – вели Андонов.

Официјален Белград не придаде големо внимание на најновата изјава од претседателот на Косово, чија изјава би требало и да се протолкува како личен обид да ја подобри својата позиција, по новото парламентарно прегрупирање и најавениот избор на новата влада, која ќе ја предводи Албин Курти, лидерот на Самоопределување. Како одговор, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, завчера порача дека Србија е за продолжување на дијалогот и за постигнување на компромис со Приштина.

– Едноставно, не можеме да прифатиме еднострани акти. Воведувањето на такси од 100 отсто за српските производи е незабележан акт во историјата. Косово не го сметаме за некоја друга држава. Белград предлага формирање на мини-шенген и укинување на сите бариери. Приштина воведува високи царини, што е спротивно на обидите за нормализација и помирување на целиот регион – изјави Дачиќ.
Бришењето на албанско-косовската граница претставува константа во настапите на политичарите на Косово. Поранешниот премиер Рамуш Харадинај, кон крајот на 2018 година триумфално објави на Фејсбук дека „од денеска, границата меѓу Косово и Албанија не постои“.

– Денеска ми беше чест да учествувам во потпишувањето на спогодбата за воспоставување заеднички гранични точки меѓу Косово и Албанија, според меѓународните принципи и нашиот заеднички европски пат – напиша Харадинај.
Тогаш реакциите на Белград беа многу поостри и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, предупреди дека намерата на Приштина и Тирана е да ги избришат границите кон крајот на март (минатата година), а воедно меѓународната заедница да ја доведат до завршен чин.

– Замислите ние тоа да го правиме со Република Српска. Некои говореа дека подготвуваме војна со Додик. Кога сум го правел тоа, освен што не дозволував Србија да биде понижена – изјави Вучиќ.

Професорот Оливер Андонов, повикот на косовските политичари упатен кон албанскиот премиер Еди Рама го гледа во контекст на иницијативата на лидерите на Албанија, Србија и Македонија за создавање на мини-шенген, чиј главен промотор е српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се обидува да се наметне како лидер на Балканот.

– Србија се обидува преку идејата за мини-шенген да го исклучи Косово како битен фактор во регионалното поврзување. Не случајно и Рама ја игра сегашната игра и се обидува да ја држи „неутралната“ позиција. Во негов интерес е да го задржи приматот во триаголникот на политичко дејствување, кое се одвива на релација Тирана – Приштина – Мала Речица. Де факто, од косовска страна е подигната граничната рампа кон Албанија и останува тоа да го стори и Тирана, што би значело последниот чекор кон т.н. албанско обединување – објаснува Андонов.

За српската страна, секоја изјава за еднострано укинување на границите претставува политички маркетинг на албанските политичари, кои се во насока на големоалбанската природа на режимот во Приштина, кои преземаат нелегални чекори, кои се грубо кршење на меѓународните обврски. Притоа, тоа е и притисок над српското население на Косово и подобрување на преговарачките позиции на албанската страна, при продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што се очекува по формирањето на новата косовска влада и парламентарните избори во Србија, кои се најавени за оваа пролет.

По изборот на Албин Курти за премиер, Хашим Тачи се соочува и со судски процеси. Воопшто не треба да се занемари континуитетот во албанската политика за реализирање на големоалбанската идеја. Но во овој случај тоа не е првенствено значење. Со заминувањето од претседателската функција, Хашим Тачи ја губи и контролата над економските ресурси и својата политичка моќ – вели Оливер Андонов