Во досегашната историја на Балканот имало многу примери кога одредени национални лидери ја искажувале неподготвеноста да се направи отстапка со поставување невозможни услови или ултиматуми што ќе важат за другата преговарачка страна. По бугарските уцени и ветото за Македонија, и косовскиот премиер Албин Курти постави свои ултиматуми за продолжување на дијалогот со Србија
Постигнувањето компромис за отворени прашања што се однесуваат за државите од регионот останува само во дипломатскиот речник на балканските политичари, а во практика продолжуваат на своите почетни позиции, без да ги прифатат и аргументите на другата страна. Во досегашната историја на Балканот имало многу примери кога одредени национални лидери ја искажувале неподготвеноста да се направи отстапка со поставување невозможни услови или ултиматуми што ќе важат за другата преговарачка страна. Меѓу најновите е неодамнешниот обид на Бугарија да се постави од позиција на „европска сила“ и ја блокира Македонија за почетокот на пристапните преговори со Европската Унија. Притоа од Софија беа поставени низа ирационални услови што навлегуваа директно во националниот идентитет, јазик и сторија на Македонците. Слично однесување имаше и од Грција, која со години ја држеше нашата земја во „заложништво“ поради своите еднострани и шовинистички погледи во решавањето на спорот за името на државата. Улогата на нов кочничар на политичките промени на овој дел од просторот ја презеде новоизбраниот косовски премиер Албин Курти, кој еден ден по изборот, постави четири уцени врз основа на кои Приштина би требало да го води дијалогот со Белград, секако со помош на Европската Унија.
Неговата политичка непринципиелност ја покажа со тоа што веднаш ја отфрли потребата за разговор за формирање заедницата на српските општини, но затоа испорача четири принципи за водењето на дијалогот со Белград, од кои, како што вели, нема намера да отстапи!? Како прв ултиматум, е Србија да ја прифати реалноста за косовската независност и од ова прашање не може да се враќа назад.
– Не можеме да седиме на преговарачка маса, а притоа да ја забораваме историјата. Србија мора да ги признае злосторствата што ги направи во Косово, а нејзината влада мора да се огради од нив – изјави Курти на трибината организирана од Косовската фондација за отворено општество.
Третото негово условување, е воспоставување еднаква позиција во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Разговорите меѓу двете страни треба да бидат така структуирани за од нив корист да имаат граѓаните, а не политичките лидери. За отвореното прашање на кое особено инсистираат од Србија, а тоа е исполнување на обврската за формирање заедница на српските општини, косовскиот премиер објасни дека тоа треба да биде во согласност со Уставот на Косово и идната заедница на општини не смее да биде етнички хомогена.
– Не може да постојат моноетнички здруженија. Може да постои заедница на општини во планините или на реката Лепенец, но не и заедница на општини заснована на етничка припадност. Членот 44 од Уставот на Косово нуди право на здружување и оваа одредба значи дека нема потреба за натамошни преговори за ова прашање – порача Курти.
„Принципите на Курти“, според реакциите на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, претставуваат „четири ултиматуми за Белград“ и значат крај на дијалогот и поништување на сето она што било постигнато на преговарачката маса во Брисел, пишува „Данас“.
Во соопштението на Канцеларијата за КиМ се бара „итна и недвосмислена реакција од Брисел, за спречување на антисрпското дејствување и уривање на дијалогот од страна на Курти“.
– Курти директно ги урива мирот и стабилноста на регионот од Западен Балкан и од него прави потенцијално буре барут. Разговорите во Брисел се засноваат на принципите на меѓусебно градење доверба и нормализација на односите, а Србија учествува со најголема волја. Белград ги исполни сите претходно преземени обврски од дијалогот и истото тоа го очекува од другата страна – нагласуваат од канцеларијата на КиМ.
По сѐ поострите критики на меѓународната експертска јавност за „бугарското вето“ кон Македонија, од премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, кој во изминатиот период се држеше на дистанца од силните напади од Софија кон Македонија, можат да се слушнат поумерени реакции што се насочени кон наоѓање решение за „историските прашања“.
– Бугарија не може да продолжи да опстојува на Рамковната позиција и на Декларацијата на парламентот од 2019 година со кои се негира македонската нација – е последната изјава на премиерот Бојко Борисов. Покрај ова се и мислењата на дел од бугарските интелектуалци, кои сметаат дека блокадата за македонските евроинтеграции е неодржлива, а сите „алатки за решението на спорот со Македонија се во Договорот за добрососедство од 2017 година“.
– Ние навистина не гледаме деструктивност од страната на Северна Македонија, туку повеќе гледаме еден вид загадувачки процес од страна на бугарските власти – вели холандската европратеничка од редовите на пратеничката група на зелените, Тинеке Штрик, за „ЕУ обсервер“.
Таа додава дека „бугарските барања кон Северна Македонија за идентитетските прашања немаат никаква врска со критериумите за зачленување во Европската Унија (ЕУ). Според Штрик, бугарската блокада на Северна Македонија претставува ризик за нарушување на кредибилитетот на ЕУ, како во земјава така и регионот, пренесе МИА.
Европскиот парламент вчера ја почна седницата на која треба да се изјасни за Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија. Претходно неколкумина европратеници поднесоа амандман на текстот, во кој се бара „бугарските власти да престанат со провокативни изјави кон Северна Македонија и во исто време се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на Северна Македонија на нападите од страна на Бугарија“.