Електроцентралите на јаглен во Западен Балкан се посебни загадувачи на околината и по влезот во Европската Унија мораат да платат висока цена за да можат да продолжат да функционираат
Кога сите држави од Западен Балкан утре би станале членки на Европската Унија, сите термоцентрали на јаглен што се на нивна територија прекуноќ ќе банкротираат. Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија секоја година вложуваат речиси 170 милиони евра за субвенционирање на производството од електрична енергија од јаглен.
Со членството во ЕУ, годишно оваа сума би се зголемила за милијарда евра, а причината е трговијата со штетните емисии, односно плаќање на надоместот за производство на отпадни гасови во ЕУ. Ова се некои од заклучоците на најновото истражување, кои беа соопштени од Јанез Копач, директор на Енергетската заедница, асоцијација на Европската Унија и земјите од Источна и од Југоисточна Европа за енергетскиот сектор.
Компаниите што го загадуваат воздухот со гасови, кои предизвикуваат ефект на стаклена градина во ЕУ мораат да платат одредена сума. На пример, за производство на еден тон јаглерод диоксид се плаќаат 20 евра. Електроцентралите на јаглен во Западен Балкан се посебни загадувачи на околината и мораат да платат висока цена за да можат да продолжат да функционираат по влезот во Унијата.
Јанез Копач смета дека би било добро сега на земјите од Западен Балкан да им се воведе данок за емисија на штетни гасови. Наместо 20 евра, да се наплатуваат неколку евра за произведен тон штетни гасови, а собраните средства да се вложуваат во обновливи извори на енергија. На овој начин националните енергетски сектори полека би се приспособувале на условите за пристапување во ЕУ, пишува „Дојче веле“.
Во наредните неколку години на Балканот се планира изградба на нови електроцентрали на јаглен. Оправданоста се гледа во тоа што произведената електрична енергија се извезува во ЕУ. Големи државни субвенции за електрична енергија добиена од јаглен има во Германија и во Полска. До 2020 година, 20 отсто од електричната енергија што се троши во ЕУ би требало да биде произведена од обновливи извори, а до 2030 г. овој процент треба да достигне 32 отсто. Многу земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, нема да можат да ја постигнат целта до 2020 година. И земјите што сакаат да пристапат кон ЕУ треба да се насочат кон остварување на поставените цели. Поради тоа, во Југоисточна Европа се промовира изградба на зелени електроцентрали. Во Србија, БиХ, Хрватска, Македонија, Албанија и во Црна Гора се планира да бидат изградени 2.700 мини-хидроцентрали со капацитет до 10 мегавати.
Производството на електрична енергија од малите хидроцентрали е делумно одржливо, затоа што браните предизвикуваат голема штета за околината, тврди Игор Калаба од организацијата „Мрежа за климатска акција“. Мини-електроцентралите без субвенциите не се економски одржливи и поради својата мала големина нема да влијаат на енергетската сигурност на регионот.
– Уништувањето на животната околина е загрижувачко, а градежните дозволи често се доделуваат без процени за влијанието на средината. На сопствениците на овие објекти профитот им е загарантиран, според сегашните законски прописи – вели Калаба за „Дојче веле“.
За да се спречи ваквиот развој на состојбата, Калаба предлага наместо давање субвенции за мали хидроцентрали, средствата да се насочуваат во јавните тендери за изградба на електроцентрали на сонце и на ветер.