Зголемениот број на пациенти од ковид-19 ги принуди здравствените власти во земјите од Западен Балкан да го ограничуваат движењето на граѓаните за време на викендите, а се размислува и за порестриктивен режим на работното време на стопанските субјекти

ПОРАДИ ПОРАСТ НА ЗАРАЗАТА СО КОВИД-19

Високиот дневен пораст на новозаболени од ковид-19 ги принуди здравствените власти во земјите од регионот да преминат кон прогласување дополнителни мерки заради спречување на ширењето на заразата. Состојбата е најкритична во Србија, која од минатиот викенд почна со воведување полициски час во главниот град Белград. Сличен режим на ограничување на движењето на граѓаните се најавува и во Босна и Херцеговина. Македонската влада вчера одлучуваше за воведување полициски час од 22 часот, а црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ се залага и за затворање на целата држава, поради рапидниот скок на новозаразени и починати лица во изминатата недела.
Според последните податоци, завчера во Србија биле хоспитализирани 4.237 лица, од нив 176 се на респиратори. Починале 17 лица. Небојша Лажевиќ, директорот на Центарот за анестезиологија на Клиничкиот центар на Србија и еден од координаторите на ковид-болницата, предупреди дека е време да се „пресече“ и да се дозволи надвор да излегуваат само граѓаните што ќе се вакцинираат.
– Ова е апсолутен момент да го пресечеме текот на епидемијата. Најдобро е да се направи пауза во ширењето на заразата, а во тој период максимално да се зголеми вакцинацијата – изјави Лажевиќ за ТВ Прва.

Тој очекува висок број новозаразени лица и во текот на вчерашниот ден. Тој се согласува со своите колеги епидемиолози Предраг Кон и Бранислав Тиодоровиќ, кои предлагаат земјата да се затвори од седум до десет дена за да се постигнат ефекти со спречувањето на ширењето на коронавирусот. Тиодоровиќ, во изјава за српските медиуми, потсети дека епидемиолошките доктрини предвидуваа затворањето да биде најмалку три недели.
Медицинскиот дел од Кризниот штаб на Србија не е задоволен од донесените мерки и тие на следниот состанок ќе бараат воведување порестриктивен режим на движење на граѓаните. Во последните две недели посебен проблем во ширењето на коронавирусот меѓу населението се младите, кои продолжуваат со ноќните забави во клубовите и кафулињата. Помладата популација не оди на тестирање и не знае дека е заразена затоа што нема симптоми или има полесни, но затоа е голем преносител на вирусот на другите граѓани. Тиодоровиќ во емисијата на телевизијата Пинк говореше за ограничување на работата на сите објекти, а работното време би требало да биде до 14 или 17 часот.
Поради влошената епидемиолошка состојба, Кантонот Сараево воведува мерка затворање од петок во 20 часот до понеделник во 6 часот наутро. Ова го потврди премиерот на Кантонот Сараево, Един Форто. Според информациите, граѓаните ќе можат да се движат во тој период, но трговските центри и угостителските објекти нема да работат. Во тој период ќе работат аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи. Неколку десетици граѓани се собраа пред зградата на Кантонот Сараево и изразија незадоволство од одлуката за ново затворање за време на викендот. Насобраните скандираа „купете вакцини“. Протестот беше организиран преку социјалните мрежи, а собир најавија и неколку групи угостители, пренесе „Танјуг“.
Во последните 24 часа во Црна Гора, 18 лица починаа како резултат на коронавирусот, што е најмногу за еден ден од почетокот на епидемијата. Вкупниот број на моментално активни случаи на ковид-19 во Црна Гора е 8.969. Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ја повика Владата итно и без одлагање да ги затвори границите на земјата и да воведе најстроги епидемиолошки мерки против коронавирусот.

– Податоците за бројот на мртви и новорегистрирани случаи на ковид-19 се алармантни – напишал Ѓукановиќ.
Владата на Македонија вчера на седница одлучуваше по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22 часот навечер до пет часот наутро на територијата на целата држава. Комисијата за справување со епидемијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Анализите покажуваат дека расте бројот на заразени и ќе расте и бројот на хоспитализации лица. Министерот Венко Филипче изјави дека епидемиолозите имаат поделени мислења за силината на вирусот, бидејќи новиот бран не се знае дали е идентичен на оној во ноември. Во моментов во земјава се активни 8.863 случаи на заболени со ковид-19, а починаа вкупно 3.206.
Албанија регистрира уште еден неделен црн биланс во однос на починати и новозаразени лица од ковид-19, откако Министерството за здравство соопшти дека изминатата седмица починале 143 лица. Според лекарите од Инфективната клиника, се забележува дека меѓу заразените сѐ поголем е процентот на млади.

– Непочитувањето на антиковид-мерките, како и занемарувањето на симптомите во првите денови од инфекцијата, ги загрозува животите на младите. Загрижува појавата што младите го занемаруваат ризикот што им се заканува и се јавуваат во болница во последната фаза на болеста – изјави инфектологот Петрит Ѓорѓи од Инфективната клиника, за „Ора њуз“.
Во меѓувреме во земјата продолжува процесот на вакцинација, со која досега се опфатени над 20 илјади здравствени работници и лица постари од 80 години.
Грција ги продолжи забраните за влегување во земјата, без негативен тест за коронавирусот. Од четврток две приватни клиники, со целокупниот персонал, доброволно ќе му бидат на располагање на државниот здравствен систем и ќе примаат пациенти со ковид-19.