Заедничко за државите од Западен Балкан е што тие во принцип немаат визија за употребата на вештачката интелигенција во општествата. Слабиот акцент за следење на глобалните трендови во дигитализацијата и употребата за суперкомпјутерите и модернизацијата на општествата најчесто им се припишува на лошата економска моќ и слабото менаџирање на државниот апарат на земјите од регионот
Истражување за светскиот Индекс на подготвеност за вештачка интелигенција на државите
Вештачката интелигенција и супермоќните компјутери што се дел од глобалните трендови во дигитализацијата засега бавно навлегуваат во употреба на државите од Балканот. Сепак, ако има простор за некакво охрабрување, тоа е што работите како полека да се помрднуваат од мртвата точка. Најсвеж пример од оваа област од регионот е Србија, која неодамна ја претстави првата национална платформа за вештачка интелигенција (ВИ) во земјата, презентирана во државниот центар за податоци во Крагуевац.
Како што пренесуваат регионалните медиуми, платформата со која се пофали северниот сосед е најсовремен суперкомпјутер со високи перформанси, подготвен да обработи огромно количество информации за краток временски период. Благодарение на таа платформа, според Радио Слободна Европа, Србија е подготвена да направи нов чекор во процесот на дигитализација на општеството и да обезбеди алатка за уште побрз и посилен развој на истражувачката и иновациската заедница.
Ваквиот чекор веднаш предизвика низа реакции и започнаа споредби во однос на тоа колку земјите од регионот всушност вложуваат во оваа сфера, која во дигиталната ера што ја наметна пандемијата е клучна за стратегискиот развој на државата.
Според Индексот на подготвеност за вештачка интелигенција, кој неодамна го објави британската организација „Оксфорд инсајтс“, во соработка со Канадскиот центар за меѓународен развој, Србија во 2020 година била на 46-то место од 172 рангирани земји во напредокот и примената на оваа напредна технологија.
Имено, како што посочува британската анализа, Индексот за употребата на ВИ ги мери индикаторите за подготвеноста на државата во повеќе области, меѓу кои и управувањето, инфраструктурата и податоците, вештините, како и образованието, но и јавната администрација и услугите. На оваа листа на прво место се САД, со најголема подготвеност за ВИ-технологија, а од земјите од регионот најдобро котира Словенија, која се наоѓа на 39-то место. Веднаш зад неа најдобро позиционирана и држава што најмногу вложува во оваа технологија годиниве е Србија, која го зазеде 46-то место. Зад неа се наоѓа Хрватска, на 58-то место, а потоа следуваат Црна Гора (70), Македонија (73) и Босна и Херцеговина на 100-та позиција.
Интересно е дека во текст од февруари, американски „Форбс“ ја рангира Србија меѓу земјите што се на пат да станат шампиони во вакцинирање на населението против коронавирусот, со обработка на податоци и примена на вештачка интелигенција.
– Користејќи ја моќта на напредните технологии и вештачката интелигенција, земјите како Србија, Грција, Обединетите Арапски Емирати и Израел успеаја да воспостават оптимизирана и ефикасна рамка за дистрибуција на вакцини – се вели во текстот на американскиот магазин.
Сепак, од друга страна, повеќето регионални медиуми пишуваат дека заедничко за државите од Западен Балкан е што тие во принцип немаат визија за употребата на вештачката интелегенција во општествата, освен со исклучок на напорите на Белград и Љубљана. Слабиот акцент за следење на глобалните трендови во дигитализацијата и употребата за суперкомпјутерите, но и модернизацијата на општествата, најчесто им се припишува на лошата економска моќ и слабото менаџирање на државниот апарат на земјите од Балканот, оценуваат регионалните медиуми.
Академик Љупчо Коцарев за вештачката интелигенција
Мислителите и филозофите во однос на вештачката интелигенција често застапуваат дијаметрално спротивставени ставови: за едни, вештачката интелигенција ниту е можна ниту е морална, додека, за други, вештачката интелигенција наскоро ќе биде многу помоќна од човечката интелигенција. Брзиот развој на вештачката интелигенција неминовно го наметнува прашањето за постоењето на сингуларност. Што ќе се случи ако човечката и вештачката интелигенција се изедначат? Технолошка сингуларност е хипотеза дека ненадејното пронаоѓање на вештачката суперинтелигенција ќе предизвика технолошки раст, што ќе резултира со промени во човечката цивилизација коишто не можат целосно да се разберат. Прашањето за сингуларноста е еден од најинтригантните дискурси со кои се занимаваат денес водечките светски футуристи и научници, но и обични луѓе. Иако сингуларноста сѐ уште е во доменот на хипотетичката размисла, голем број членови на научната заедница веруваат дека прашањето не е дали ќе се случи сингуларноста, туку кога ќе се случи и дали воопшто можеме да бидеме подготвени за тоа.