Најавата за преземање заедничка дипломатска кампања за признавање на Косово е обид на турскиот претседател да им се приближи на Брисел и на САД, со надеж дека ќе „ги залечи разнишаните односи со Западот“, сметаат експертите
Турција, како и земјите од Западен Балкан, се наоѓа предолго во чекалницата за влез во Европската Унија. Поради неподготвеноста на Брисел за проширување на Унијата, Анкара се обидува да ги наметне своите економски и политички интереси на Балканот. Најновиот потег е најавата од турскиот претседател за поголемо ангажирање на Анкара што повеќе држави да ја признаат независноста на Косово. Оттука и изјавата на Реџеп Таип Ердоган треба да се погледне од поширок геополитички агол во насока на нови „прегрупирања“ на големите сили, кои можат да предизвикаат и нови процеси на Балканот.
– Се надевам дека на Генералното собрание на ОН ќе имам можност да зборувам со претседателот на САД, Џо Бајден, за меѓународното признавање на Косово, за тоа заеднички да работиме и други држави да го признаат Косово – порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пред посетата на турскиот дел на Кипар.
Оваа изјава беше дочекана со големо „разочарување“ во српските медиуми, откако минатите години беше создавана слика за пријателските и блиски врски и економски односи меѓу Србија и Турција. Фират Хамди Бујук, политичкиот аналитичар од аналитичкиот центар „Феникс политик“, не верува дека ваквиот настап на Ердоган ќе влијае на глобалните процеси на турската надворешна политика во однос на Балканот и билатералните односи со Србија.
– Турција секогаш ја поддржуваше независноста на Косово, но тоа нема да ја промени состојбата на теренот и нивната соработка. Ердоган и Вучиќ се прагматични лидери, кои се фокусираат на области во кои можат да соработуваат. Тие ги игнорираат темите на кои не можат да работат заедно. Косово е една од нив. Тие одлучија и да не се фокусираат на историските проблеми, на турскиот и српскиот национализам, околу поддршката на Турција на Бошњаците или српската поддршка на Република Српска – оценува Бујук за Радио Слободна Европа.
Изјавата на Ердоган за Косово не случајно се поврзува со посетата на турскиот дел на Кипар, кој е етнички поделен остров, а моделот на две држави што се предлага за овој долгогодишен спор ги заладува политичките односи меѓу Турција и Грција, но и со Европската Унија, која стои цврсто на позициите на Атина. Токму поради ова, најавата на дипломатската кампања за признавање на Косово, според аналитичарот Бујук, е обид на турскиот претседател да им се приближи на Брисел и на САД, со надеж дека ќе „ги залечи разнишаните односи со Западот“. Анкара во изминатите години беше воздржана во однос на косовскиот проблем, поради намерата за приближувањето со Москва, за што беше и постигнат договор за набавка на руски одбранбен ракетен систем за потребите на турската армија, што наиде на остри противења на Вашингтон. По ова следуваа критики на сметка на кршењето на човековите права во Турција, но и околу состојбата во Сирија.
Ердоган практично се нуди на американскиот претседател Бајден преку прашањето за Косово, а во тоа се кријат и амбициите на Анкара да ги засили позициите на Балканот, пишува белградски „Курир“.
Поранешниот дипломат Милисав Паиќ смета дека дипломатскиот дострел на Турција не може да биде голем, поради резервираноста на многу влијателни земји кон амбициите на турскиот претседател.
– Овој маневарски потег несомнено е направен по иницијатива на Вашингтон, кој тргна со притисокот за признавање на косовската држава. Ердоган преку Косово сака да ги подобри односите со САД. Турската офанзива нема да има сила да го промени ставот на неврзаните земји, како и на петте членки на ЕУ, кои се противат на тоа Косово да биде преседан на сецесионизмот во нивните земји – нагласува Паиќ.
Со сличен став е и потпретседателката на Центарот за надворешна политика, Сузана Грубјешиќ, која не очекува промена на ставот на Грција во врска со непризнавањето на Косово, сѐ до постигнувањето заедничко прифатливо решени за Белград и за Приштина.
– Влијанието на Турција како голема регионална сила е неоспорно, но сепак тоа не е единствено меѓу земјите од исламскиот свет, во кој се испреплетуваат интересите и на други моќни исламски држави, од кои некои и не го признале Косово – нагласува таа за „Курир“.
Политичките експерти потсетуваат и на изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, при посетата на Призрен во 2013 година, кога јасно порача дека „Турција е Косово и Косово е Турција“, со што потсети на Отоманската Империја и врските на Турција и Балканот, објави тогаш „Дојче веле“. Оттогаш влијанието на Анкара на овој дел од Европа е сѐ поприсутно преку економските инвестиции во повеќе сообраќајни и во други инфраструктурни проекти во земјите од Западен Балкан. Сево ова изгледа како противтежа на Европската Унија, која во последните месеци се обидува да го истисне влијанието на Турција, преку најавата за финансиска помош преку европските фондови.
На изјавата на турскиот претседател пристигна одговорот од српскиот претседател Александар Вучиќ, дека Србија ќе се раководи од сопствените интереси и ќе почне кампања за отповикување на признавањето на Косово од некои држави. Вучиќ ги означи досегашните односи со Турција како „многу добри“. Турција по доаѓањето на власт на Српската напредна партија ги зголемила инвестициите во Србија, а во неа дејствуваат повеќе од 800 турски компании, кои вработуваат околу десет илјади луѓе. Турција и Србија имаат потпишано над 70 билатерални договори, меѓу нив и договорот за слободна трговија во 2009 година.