Дури 60 отсто од албанските граѓани би ја напуштиле земјата доколку им се пружи и најамала можност за тоа, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење Галуп.
Според Галуп, ова ја подредува Албанија на четврто место меѓу државите во светот од кои граѓаните сакаат да емигрираат, зад африканските земји Сиера Леоне, Либија и Хаити, каде нивото на сиромаштија се движи од 54 до 70 проценти.
– Изразено според бројот на населението, ова значи дека од вкупно 2,87 милиони жители, колку што се смета дека Албанија има жители во моментов, дури 1,7 милиони сакаат да ја напуштат земјата. Процентот на жителите што сакаат да ја напуштат земјата е поголем од оној во држави зафатени со граѓански војни, а како главна причина за тоа ја посочуваат економијата, но и недостогот на јавни услуги – наведува тиранската телевизија Топ-чанел.
Дека албанските граѓани сакаат во што поголем број да ја напуштат земјата, меѓу другото, потврдува и рекорднот број државјани на Албанија кои аплицирале за иселеничка виза за САД.
Во 2016 година за американска „зелена карта“ аплицирале 246.129 албански граѓани, следната 2017 година, тој број пораснал на 315.842 а рекорден број од дури 367.231 е регистриран лани. За годинава сè уште нема официјална бројка.
Се смета дека Албанија по 1990 година ја напуштиле околу 1,5 милиони лица, од кои најголем процент се иселиле во Грција и Италија, а потоа следуваат останатите западноевропски земји, како и САД и Канада.