По трагедијата што се случи во Италија,кога се урна надвозникот Моранди, при што загинаа 41 лице, албанските власти почнуваат со контрола на издржливоста на мостовите во земјата.
Директорот на сообраќајната полиција, Митхат Тола, изјави дека почнале испекциите на системот на хоризонтална и вертикална сигнализација околу дозволената тежина на возилата кои минуваат по мостовите, како и состојбата на безбедносните елементи.
– Почнавме со оваа активност и таа ќе трае и следните недели, сè додека не се провери безбедноста на секој мост. Истата ја реализира Службата на сообраќајната полиција во соработка со Агенцијата за државни патишта – изјави Тола.
Посочува дека сообраќајната полиција строго ќе го контролира секое возило дали ја почитува пропишаната тежина која е дозволена да може да помине по одреден мост.
– Во Албанија има многу мостови кои се изградени во триесеттите години од минатиот век од страна на италијанската војска, кои тогаш биле проектирани да издржат помала тежина, дел се изградени пред пола век кога минувале само по неколку возила дневно, а сега со стотици. И едните и другите воопшто не се санирани – пишува весникот „Коха јон“.
Но годините на изградба не се единствениот проблем кога станува збор за безбедноста на мостовите во Албанија. Има и мостови изградени во 90 години од минатиот век, но од фирми кои имаат искуство само со изградба на згради и истите се опасност со години.
Најдобар пример е уривањето на мостот во Фуш-Круја,во 2017 година, кога по обилните дождови, надојдената река го „однесе“ бетонскиот мост, изграден пред три години.