ХРВАТСКА

Се проценува дека повеќе од 300 илјади жени во Хрватска немаат пристап до примарна гинеколошка заштита

Женските репродуктивни права во Хрватска последните години се под двостран притисок: економски, но и политичко-идеолошки. Цената за прекин на бременоста за последните пет години во хрватските болници се зголеми за околу 66 евра. Годишно, поради немање сексуално образование, во земјата се породуваат околу една илјада малолетни девојчиња. Покрај нив, жените што не се вработени немаат право на платено боледување, надомест во случај на комплицирана бременост, ни право на породилен надомест.

Паула Зоре од Платформата за репродуктивни права, за „Дојче веле“ вели дека репродуктивните права на жените се тешко достапни, затоа што на ниво на државата недостигаат 59 гинеколошки тима. Се проценува дека повеќе од 300 илјади жени во Хрватска немаат пристап до примарна гинеколошка заштита.
Цените за прегледите во приватните ординации се во пораст, а згора на ова жените се изложени и на специфичната политичка клима, затоа што се спроведува кампања за забрана на абортусот.

– Последицата од ова е отежнат пристап за прекин на бременоста преку општествените притисоци кон жените. На ова се изложени и медицинските лица што ги извршуваат абортусите, а показател за тоа се и сѐ поголемиот број лекари што се повикуваат на правото на совест и одбиваат да им дадат здравствена нега на жените, кои сакаат прекин на бременоста – вели Зоре.

Според извештајот на правобранителката за рамноправност на половите, такви лекари има околу 60 отсто. Во 20 јавни болници не е можно да се направи абортус, затоа што лекарите одбиваат да извршуваат таков зафат. Болниците се обврзани да обезбедат услови, но никој не го регулира тоа. Вкупната цена за абортус во државните болници изнесува околу 400 евра.

– Нападот на репродуктивните права на жените се прави на два фронта. Од една страна е комерцијализацијата на абортусот, а од друга страна е преку наметнување фундаменталистички вредности, кои служат за политичка борба – смета Паула Зоре.
Бројот на абортуси во Хрватска меѓу 2001 и 2017 година се намалил за околу 50 отсто. Посебен проблем се големите регионални разлики за негова достапност. Бројот на легално индуцирани абортуси во Истарската жупанија е за десет пати поголем отколку во Сплитско-далматинската.

Во соседната Словенија, абортусот е бесплатен, односно е финансиран од државата, а голем број жени од Хрватска заминуваат преку границата да извршат абортус.